Фото: Игор Бансколиев

Најновите статистички податоци покажуваат дека најголемо зголемување на новозаболени од ковид-19 во последниот период има во возрасната група од 20 до 29 години. Деновиве јавноста беше потресена и од веста за смртта на две девојчиња на возраст од 19 и од 16 години, што е само уште една потврда дека вирусот зема сѐ поголем замав и данок меѓу младите. Кои се причините за ваквите трендови и како да им се застане на патот?

ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОКАЗАТЕЛИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

Последниот статистичкиот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека најголемо зголемување на новозаболени од ковид-19 во последниот период има во возрасната група од 20 до 29 години, а тоа е 11,4 отсто повеќе во однос на претходната недела. Деновиве јавноста беше потресена и од веста за смртта на две девојчиња на возраст од 19 и од 16 години, што е само уште една потврда дека вирусот зема сѐ поголем данок меѓу младите. Кои се причините за ваквите трендови и како да им се застане на патот?
Инаку, најмногу од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и во Крива Паланка.
Пријавен бил 71 смртен случај во 20 града во текот на изминатата недела, најмногу од нив се од Скопје, или 18 починати.
Епидемиологот Драган Даниловски посочува дека директниот одговор на прашањето зошто многу млади се заразуваат е во нелогичното укинување на мерките за ноќните и дискоклубовите.
– Не сакам да навлегувам во мотивите за таквите одлуки на надлежните. Јасни ни се на сите. Исто така, бевме сведоци на тоталното отсуство на мерки во текот на предизборните активности. А таму, огромно мнозинство беа токму младите. Е, сега, тоа има цена. И таа цена сега ја плаќаме – вели тој.

Кај младите има низок процент на вакцинирани

Според него, кога одредена општа криза во општеството трае долго, секогаш се јавува еден феномен на појава на одбранбен психолошки механизам на адаптација на ситуацијата, кој се манифестира со релативизирање на опасноста, дури и со нејзино негирање.
– Луѓето насекаде низ светот се враќаат на нормалниот начин на живеење, сѐ повеќе одбиваат да ги почитуваат мерките за носење маска, држење растојание, без оглед на сѐ уште присутните ризици од заразување. Едноставно, смачено им е. И (како да) одбираат со „широко затворени очи“ – молчешкум, да го прифатат ризикот од заразување, независно од последиците. За жал, составен дел од тој феномен е и отсуството на емпатија за страдањата на другите, дури и на своите блиски. Инаку, како може да се објасни разулавеното и еуфорично однесување на младите во ноќните клубови? А истовремено некои се борат за здив по болниците, тука, покрај нив. Сведоци сме на такви сцени, објавени по социјалните мрежи – објаснува епидемиологот.
Постои, според Даниловски, и чисто медицинско објаснување за сѐ поголемото учество на помладите генерации во вкупниот број заразени.
– Тоа е фактот што постарите се во најголем дел имунизирани – по природен пат (со прележување) или со вакцинација. И тие имаат далеку помал интензитет на социјални контакти. Нормално е дека вирусот ќе се префрли да циркулира таму каде што има најмногу слободен простор – меѓу младите, кои не се воопшто или се сосема безначајно вакцинирани, а истовремено имаат многу висок интензитет на социјални контакти – додава тој.

Што да се прави?

Според Даниловски, сега и да се преземат рестриктивни мерки тешко може да се очекува да се постигне нешто значајно.
– Зошто? Затоа што пожар се совладува ефикасно само ако се гаси додека не се претворил во огнена стихија! Многу значаен елемент е што оној социјално-психолошки завршеток го имаме на сцена! Во таква ситуација, какви било рестрикции би довеле само до отпор и непочитување, имајќи ја предвид неконзистентноста на спроведувањето на таквите мерки во минатото. Едноставно, системот нема капацитет да преземе нешто позначајно на тој план! Оттаму, преостанува само да се апелира на личната свест на секој поединец, да се варди себеси и своите блиски. И, секако, барем да се вратат мерките за угостителските објекти на ниво од пред десетина дена – објаснува тој.
Вели дека некои пресметки покажуваат дека многу веројатно веќе имаме околу 1,2 милион имуни граѓани (по природен пат и со вакцинирање).
– Тоа се над 67 проценти од вкупното население (неофицијално 1,8 милион). Донекаде, овој факт е „добра вест“. Тоа е причината што сѐ уште не се соочуваме со експлозивен раст на бројките. Но што ќе биде откако ќе попушти неизбежно заштитата на вакцините – за два-три месеци? – додава Даниловски.
Најмногу од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години. Пред еден ден имаше случај кога 16-годишно девојче од тетовското село Сиричино ја изгубило битката со вирусот.


И земјите во регионот со високи бројки на новозаразени

Коронавирусот во последните 24 часа во Србија е потврден кај 7.111 лица, а истовремено како последица на овој вирус починале 60 пациенти. Рекордни 3.450 нови заразени со коронавирус се потврдени во Словенија пред два дена, објавил тамошниот Институтот за јавно здравје. Најголем број потврдени случаи во еден ден од почетокот на епидемијата досега бил забележан на 5 јануари годинава, кога биле потврдени 3.428 нови случаи.
Словенечките медиуми објавуваат дека и покрај големиот пораст на новозаразени и хоспитализирани, словенечката влада нема да се определи за „целосно заклучување“ на десет дена, што го предложиле епидемиолозите како едно од решенијата за справување со епидемијата.
Грчката влада донела нови антиковид-мерки, кои ќе важат само за невакцинираните граѓани, кои ќе треба да имаат негативен брз антиген или ПЦР-тест за да влезат во банки, јавни канцеларии, малопродажни места, мешани простории за забава и фризерски салони.
И Хрватска повторно бележи голем број новозаболени, за еден ден имале 4.573 заболени, додека 41 пациент починале. Стручњаците стравуваат од нов бран по Нова година. Бебе старо само 23 дена почина во саботата на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ во Загреб.
И во Албанија има раст на бројот на новозаразени.
Состојбата со коронавирусот во Бугарија е загрижувачка, односно само две области во целата држава не биле класифицирани како „темноцрвена зона“, со стапка од над 500 инфекции на 100.000 луѓе.

[email protected]