Повторно и одново се повторува една симптоматична пиар-појава, а тоа е дека важни политички одлуки најпрвин се најавуваат во странство, кај соседите, кај меѓународната заедница или се лиферуваат во странските медиуми, па потоа истите тие се проследуваат во домашната јавност

В.д. премиерот на Косово, Албин Курти, го знае точниот датум за изборите кај нас

Во решавањето на неизвесноста за очекувањето договор меѓу политичките фактори во Македонија за одредување датум за одржување на (одложените) парламентарни избори, активно се вклучија и нашите соседи. Имено, сѐ повеќе од очигледно е дека партиските лидери во земјава јавно не отстапуваат од своите позиции и аргументи за најсоодветен термин за изборен ден, но во соседството не само што се лицитира за терминот на изборите кај нас туку некои од регионалните лидери веќе точно знаат кога ќе бидат одржани.

Во таа смисла, Албин Курти, в.д. премиерот на Косово, на својот фејсбук-профил е дециден дека избори во Македонија ќе се одржат во јули. Можеби контекстот на објавата на Курти повеќе е наменета за косовската политичка состојба, односно потребата и во Косово да се закажат избори. Но Македонија е наведена (заедно со Шпанија и со Хрватска) како аргумент за земји што со сигурност во јули ќе одржат избори, и покрај многуте неизвесности како од здравствен така и од правно-политички карактер. Впечаток е дека повторно и одново се повторува една симптоматична пиар-појава, а тоа е дека важни политички одлуки најпрвин се најавуваат во странство, кај соседите или кај меѓународната заедница, па потоа истите тие се проследуваат во домашната јавност.

Косовскиот в.д. премиер инструиран да пушти
пробен балон за избори?

Партиите во Македонија се уште немаат усогласен термин за изборите / Фото: Игор Бансколиев

Дали Македонија била спомената од невнимателност или со политичка предумисла? Изјавата на косовскиот в.д. премиер во македонската јавност повторно ги разбуди толкувањата дека за важни политички одлуки во земјава се дознава од соседството, но и дека домашните политичари немаат храброст самите да се соочат на сопствен терен, па дозволуваат или поттикнуваат за некои договори да се слушне од „странски фактори“.
– Начинот работите да се соопштуваат однадвор очигледно продолжува, што покажува и нови „дострели“ во политичко-дипломатската умешност на нашите политичари. Деновиве, веројатно и политичките чинители во земјава ќе се договорат за датумот за избори да биде некаде во јули, со што сите би требало да бидат задоволени – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски, алудирајќи дека сепак дипломатска вештина е да наведеш некој друг да каже или да направи нешто што самиот треба да го сториш, што пак поедноставно е формулирано со народната поговорка ти зборувам ќерко, сети се снао.
Во овој случај, најверојатно е искористена и конјунктурата за потребите на Косово, поточно на веројатно, нечија умисла е Албин Курти да го пушти пробниот изборен балон за термин и за Косово и за Македонија.

Силна координација помеѓу партиите на Албанците во Македонија и властите во Косово и во Албанија

Во меѓувреме и од владејачката партија СДСМ беше потврдено дека бил остварен телефонски разговор меѓу претседателот на партијата Зоран Заев и косовскиот в.д. премиер Албин Курти, но дека „во однос на политичките состојби и одржувањето избори, претседателот Заев истакна дека до крајот на оваа седмица ќе се знае кога ќе бидат одржани изборите во Македонија, додавајќи дека тие треба да бидат организирани во најбрз можен рок“. Но таквата потврда се чини дека уште повеќе наведе на потсетување на претходни ситуации, кога за одлуки и договори што влијаат на политичките случувања во Македонија, се слушнало или дури биле договорени во соседни држави, како на пример тиранската платформа од почетокот на 2017 година.
– На изјавата на Курти за терминот за избори во Македонија може да се гледа и низ аспектот дека е уште еден доказ за добрите релации што ги имаат партиите на Албанците во Македонија со политичките елити во соседните Косово и Албанија.

Тоа е познато од многу порано, но и овој случај покажува дека албанскиот политички фактор во Македонија е во сериозна координација или можеби дури добива и инструкции од соседните албански политички центри – Тирана и Приштина. Тоа истовремено покажува дека немаат сопствен интегритет и капацитет за градење сопствена политика. Наместо да гледаат како да креираат автентична политика во македонскиот политички амбиент, тие најмногу гледаат како да му угодат на својот „голем брат“ – вели професорот Јове Кекеновски, отворајќи уште еден поттекст во значењето на изјавата на косовскиот в.д. премиер за датумот за одржување избори во Македонија. Доколку постои автентичен политички капацитет на албанскиот фактор во Македонија, професорот Кекеновски прашува зошто целиот тој политички блок во земјава ја премолчува најавата на албанскиот премиер Еди Рама за селективно отворање на границите на Албанија, само за Албанците од регионот.

Во соседството знаат, а во државава сѐ уште енигма терминот за избори?!

Иако до крајот на седмицава (30 мај) завршува третата вонредна состојба прогласена од претседателот Стево Пендаровски, партиите во Македонија сѐ уште немаат усогласен термин за изборите, што требаше да се одржат на 12 април. И власта и опозицијата сакаат да излезат на избори со датум, за кој е постигнат консензус, но според она што го кажуваат во јавноста, досега не е најден заеднички. Од друга страна, од неофицијални изјави на партиски функционери наведуваат дека постојат приближувања на ставовите во насока на изјавата на косовскиот премиер, за избори во текот на јули.