Фото: Игор Бансколиев

Прогнозите за летово на светскиот метеоролошки сервис „Акуведер“ предвидуваат исклучително топло и суво лето за Балканот, а ако се земе предвид и фактот дека на планините изминатата зима немаше доволно снег, кој обично преку топењето ги дополнува реките и езерата, тогаш ситуацијата летово ќе стане уште подраматична

Неповолните климатски влијанија изминативе години доведоа до драстичен пад на нивоата на водите во реките, езерата и на подземните води во земјава, што од друга страна претставува директна закана за енергетскиот сектор, земјоделството и водоснабдувањето. Дополнително загрижува што најновите прогнози за ова лето на светскиот метеоролошки сервис „Акуведер“ предвидуваат исклучително топло и суво лето за Балканот, а ако се земе предвид и фактот дека на планините изминатата зима немаше доволно снег, кој обично преку топењето ги дополнува реките и езерата, тогаш ситуацијата летово ќе стане уште подраматична.
Земјоделците веќе реагираат и предупредуваат дека ќе нема доволно вода да ги наводнуваат земјоделските површини, а реакции стигнуваат и од повеќе општини низ земјава од каде што велат дека значително е намалена штедроста на изворите, кои се користат во системите за водоснабдување.

– Имам неколку ниви засадени со земјоделски култури, кои ги наводнував од бунар. Уште лани летото бунарот ми пресуши и се надевав дека барем малку ситуацијата ќе се подобри зимава. Но со оглед на меката зима без снег и врнежи, сега се соочувам со опасност целосно да останам без вода за наводнување – вели Стојмир Лазевски, земјоделец.
Тој додава дека доколку продолжи сушата нема намера повеќе да се занимава со земјоделство.
– Плаќам орање на нивите, семиња, ѓубрива, но без вода за полевање и она што ќе го засадам ќе се исуши. Без вода нема живот – категоричен е Лазевски.
Покрај врз земјоделството, лошата хидролошка состојба веќе се одразува и врз локалните системи за водоснабдување.

– Голем дел од селата во земјава имаат сопствени водоснабдувачки системи, кои се полнат од разни извори, повеќето планински. Изминативе години поради сушата штедроста на овие извори е сè помала, а некои дури и пресушија, така што како што тргнала работата ќе останеме и без вода за пиење – вели жител на преспанското село Наколец.
Лоша хидролошка состојба е забележлива особено кај вештачките акумулации во целата земја, што од друга страна ќе влијае и врз производството на електрична енергија во летото што е на прагот, а недостигот од домашна струја државата ќе мора да го компензира од увоз, што во време по корона-кризата ќе претставува дополнителен трошок за буџетот, па не е исклучено разликата на крајот да ја платат граѓаните преку повисоки сметки за струја.

Климатолозите посочуваат дека токму поради сушата најмногу на удар ќе се најдат водоснабдувањето, земјоделството и енергетскиот сектор.
– Резултанта на сите климатски влијанија изминатиот период е токму ова намалување на нивоата на водните ресурси во земјата. Имаше малку врнежи минатиот ноември, кој обично важи за најврнежлив месец, потоа зимата немаше доволно снег на планините, кој полека би се топел и би ги дополнувал подземните води и изворите, поради што билансот на водите е ваков каков што е – вели Пеце Ристевски, климатолог.

Тој додава дека на тоа влијаело и исклучително топлото лето минатата година проследено со високи температури, кои го зголемиле испарувањето на водите.
– Лошата хидролошка состојба директно ќе се одрази врз енергетиката, земјоделството, но и врз резервите на пивка вода – нагласува Ристевски.