ЕКСПЕРТИТЕ ПРО И КОНТРА ОНЛАЈН РАБОТЕЊЕто НА СОБРАНИЕТО

Предлогот на претседателот на Собранието Талат Џафери за работа на пратениците од дома предизвика реакција во јавноста, која се прашува дали на овој начин здравјето на пратениците се става над здравјето на другите граѓани во земјата, чие физичко присуство е неопходно при работата. Од друга страна, дебатата оди и во насока на тоа дали примената на новите технологии води кон поголема транспарентност и помали трошоци, но секако најважно од сѐ е дали ќе се добие поефикасен и пофункционален законодавен дом.
Условите во собраниската зграда дозволуваат задржување на потребната дистанца, како и почитување на другите здравствени протоколи, па се поставува и прашањето зошто пратениците би требало да останат дома, а другите граѓани да мораат секојдневно да одат на работа, да користат јавен превоз или да работат во услови каде што е тешко да се одржува потребната дистанца.

Тука се и децата и најмалите, кои наскоро ќе почнат да одат во градинките и училиштата, па и тие на некој начин ќе бидат изложени на потенцијален ризик од зараза со ковид-19 бидејќи според нивната возраст постои и најголема опасност во однос на придржувањето кон превентивните мерки.
Претседателот на Собранието не појасни дали пратениците доколку останат да работат од дома ќе се откажат од патните трошоци, што во секој случај би претставувало буџетска заштеда.
Уште една дилема што се наметнува по ваквиот предлог на Џафери е дали на овој начин се губи транспарентноста во работата на Собранието, односно дали при гласањето на клучни закони не може да се случи проблем во преносот и потоа да има сомнежи за валидноста на самото гласање. Секако тука се наметнува и прашањето во однос на сигурноста при онлајн работењето ако се земе предвид дека последните неколку месеци имаше два сериозни упада во системите на Државната изборна комисија и на Министерството за надворешни работи.

Со евентуалното работење од дома има стравување и дека ќе изостане транспарентноста во работата на народните избраници, кои наместо своите ставови да ги изнесуваат од собраниската говорница, ќе зборуваат преку видеоплатформа. За сите овие дилеми стручната јавност и експертите имаат интересни видувања.
– Пратениците треба да си работат во Собрание. Имаат нова сала, гледам седат оддалечени еден од друг, и така треба да биде. Ако работат на интернет, ние постарите не се разбираме многу во тоа и тешко ќе следиме што се случува. Ако решат така, повеќе ќе читаме од весниците што се случува во Собранието – вели Божо Димчевски, пензионер од Скопје.
За професорот Љубомир Цуцуловски идејата за онлајн работа на пратениците на некој начин претставува потиснување на Собранието.
– Мислам дека таа идеја, свесно или несвесно, води кон потиснување или замена на Собранието. Или, што е исто, негова супституција односно негов сурогат. Ова мое мислење го темелам врз основа на многу други примери, поврзани со корона-кризата – вели Цуцуловски.
Тој го поткрепува ова со неколку примери.
– На пример, тоа се случува со образованието, кое треба да биде онлајн. Значи, нема школи. Или, имате спортски настани од голем ранг, културни манифестации од голем ранг, концерти итн. без публика. На тој начин, добиваме сурогат-стварност, сурогат-собрание, сурогат-влада, сурогат-образование, сурогат-спортски натпревари, сурогат-култура и на крајот сурогат-луѓе – нагласува Цуцуловски.

Според првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, не би требало и на пратениците да им биде проблем да работат во Собранието со почитување на соодветните протоколи.
– Не би требало да е пречка и работата во самото Собрание, со соодветни протоколи и придржување до нив (како и досега и како за повеќето граѓани во другите области на работа), или евентуално комбиниран модел – за сепак да се овозможи учество во работата и кога од која било причина не е можно физички да се присуствува. Ова ќе биде добро и за поефикасна работа на Собранието (за да не се злоупотребува на пример кворумот, а и да се забрза донесувањето на одлуките) – вели Кржаловски.
Тој додава дека евентуалниот „страв“ од манипулација со гласовите може да се реши со поединечно изјаснување за сите одлуки или барем кога се гласаат позначајните закони.

– Проблеми (вкл. технички) секако ќе се појавуваат, но тогаш тие и ќе се решаваат, а не е решение однапред да се отфрли оваа можност – смета Кржаловски, притоа додавајќи дека идејата за онлајн работа на Собранието е изводлива и дека ваквиот начин на работа се користи во многу други парламенти во светот.
Професорката Мирјана Најчевска не исклучува можни проблеми при онлајн работењето на пратениците, но лично се залага за примена на новите технологии во сите сфери и не гледа никаква дискриминација во однос на другите граѓани.
– Сигурно се можни одредени технички проблеми на почетокот, но мора од нешто да се почне. Зошто да не биде прво Собранието? Па дури и кога имаше физичко присуство на пратениците во собраниската сала во неколку наврати откажа техниката, но тоа не го доведе под прашалник работењето на парламентот.

Сметам дека сите оние што се затекнале во ерата на компјутерите, вклучувајќи ја и мојата постара генерација, ќе можат да се снајдат со следењето на седниците преку интернет – вели Најчевска.
Таа додава дека преку преносот на седниците се зголемува транспарентноста бидејќи седниците ќе можат да се пренесуваат и на Јутјуб и на другите платформи што ги користат голем број луѓе, а истовремено тоа ќе придонесе за намалување на патните трошоци што сега ги прават пратениците.