Ако постои веќе нескриено фаворизирање на „критериумот“ на партиски и лични интереси при изборот на членови и водечки позиции во овие тела, тогаш постои и нескриено разурнување на авторитетот на уставните институции. Ако постои отворено непочитување на законски утврдените критериуми за избор на судии, тогаш сето тоа води кон состојба на обична „распродажба“ на позициите во овие институции и кон разградување на системот, при што се доведуваат во прашање функционалноста и опстанокот на државата, тврдат професори и правни експерти

Имаме ли правни ликови со интегритет, капацитет и исполнети критериуми за уставни судии

Тензичноста на собраниската комисиска дебата, на која требаше да се предложат тројца судии за испразнетите места во Уставниот суд, повторно ја исфрли во прв план перцепцијата за постојаните искушенија на судството во Македонија во справувањата со обидите за партизација и наметнување политичко влијание. Овој пат пратениците од власта и од опозицијата „копјата ги вкрстија“ околу предлогот актуелната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, која доаѓа од редовите на владејачката СДСМ, да биде уставна судијка. За опозициските пратеници тоа е акт на партизација на државата, па дури испратија писмо до Делегацијата на ЕУ во Скопје, во кое го известуваат амбасадорот Дејвид Гир дека власта сака за уставни судии да избере истакнати партиски функционери (генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, и адвокатот Васко Талевски, член на општинската организација на СДСМ во Битола, кој до неодамна беше и член на извршниот одбор на партијата).

Дали предлозите се во спротивност со критериумите за избор на кандидати за уставни судии

Опозицијата во писмото до ЕУ предупредува дека ќе се изврши партизација на Уставниот суд и дека спротивно на членот 111 од Уставот, владејачката партија планира да избере партиски кадар со што ќе го девалвира и партизира Уставниот суд и ќе ја наруши независноста, како што се вели, на овој орган што ги штити уставноста и законитоста и врши контрола на законодавната и на извршната власт.
Иако бурната расправа на комисијата, според пратениците од власта, е нормална работа во законодавниот дом и „сите процеси што се одвиваат во Собранието, а се во согласност со Деловникот се нормални процеси… и нема причина за загриженост“, оваа ситуација во парламентот создадена околу изборот на нови уставни судии ја засилува општата слика за предизвиците на правосудниот систем во воспоставувањето амбиент, предуслови и критериуми за владеење на правото и правната држава. Повеќе експерти со кои се консултиравме тврдат дека „најавените предлози за нови уставни судии се во директна колизија со принципиелните услови што треба да ги исполнат кандидатите предложени за уставни судии“, т.е. тие да се истакнати правници и да не се членови на политичка партија, со што се создава перцепција за флагрантна компромитација на системот.
– По изборот на претседател на Судскиот совет, на правобранител, а сега и со предлозите за уставни судии, веќе станува апсурдна и непристојна состојбата во македонското правосудство, во која не останува дури ни привид за заложби за воспоставување правна држава и владеење на правото. Повторно сме сведоци на сведување на правосудните институции на предмет за партиско-политичко пазарење. Со дури нескриено фаворизирање на „критериумот“ на партиски и лични интереси при изборот на членови и водечки позиции во овие тела, безобѕирно се разурнува авторитетот на уставните институции. Притоа целосно се игнорира состојбата дека распродавањето на позициите во овие институции води кон разградување на системот и се доведуваат во прашање функционалноста и опстанокот на државата. Не може ни да стане збор за напредок, туку за опстанок на државата – вели универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев.
Калајџиев открива дека во одреден момент и самиот размислувал да се пријави на конкурсот за уставен судија, но и покрај плодното и долгогодишно правно искуство, како и постојана теориска надградба, сепак претежнала самокритичноста во однос на претпоставените критериуми за капацитетите на еден уставен судија.

Неодговорен начин на водење политика од сите засегнати страни?!

– Во принцип, за уставни судии се избираат теоретичари со голема правна ширина, разбирање на правната филозофија, или најдобри правни практичари, кои сепак имаат голем теоретски капацитет и моќ на изразување. Од последните избори на важни позиции во судството се наметнува сомнежот: или немаме правни ликови со таков капацитет, или не сакаме да ги избереме или, пак, поради политички деградираните критериуми за овие функции – оние со вистински теоретски и професионални квалитети не сакаат да (со)учествуваат во такви „распродажби“. А многу лесно може да се направи напредок во судството, владеењето на правото и правната држава (можеби и најважен критериум за членство во ЕУ) – само треба владејачките структури да ги тргнат рацете од правосудниот систем – заклучува професорот Калајџиев.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, предупредува дека поради тесните партиски интереси и неодговорниот начин на водење политика, како во Собранието и воопшто на политичките фактори може да се загрози и функционирањето на државниот систем, поради нефункционалноста на Уставниот суд.
– Одлуките во Уставниот суд се носат со просто мнозинство од деветте судии, а само за одредени прашања утврдени со Уставот се одлучува со двотретинско мнозинство, од барем шест судии. Додека Уставниот суд има шест судии, тој сѐ уште е функционален. Сега треба да се изберат судии на местото на актуелните тројца на кои им истекува мандатот. Но многу брзо и на уште еден судија му истекува мандатот, па доколку не бидат избрани нови судии, работата на Уставниот суд може да биде блокирана. Доколку во државата се појават ситуации што Уставниот суд треба да ги констатира и да одлучи за нејзиното понатамошно функционирање, нема да биде уставно способен да работи со пет судии – објаснува поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Неодговорноста на политичарите и Собранието, судијата Ивановски ја гледа во ситуацијата дека и покрај тоа што изборот на судии на Уставниот суд е предвидлива работа (се знае на кој судија кога му истекува мандатот, кој ги предлага новите судии, начинот на кој се избираат), сепак се чека последниот момент за реизбор и се проблематизираат и девалвираат критериумите за избор. И според поранешниот претседател на Уставниот суд, критериумите за предлог и избор на еден уставен судија треба да бидат неговата правно-теоретска изграденост или докажана кариера во правната практика, со авторски трудови и професионален авторитет, а основниот принцип во неговата работа да биде владеењето на правото. Какво било застранување од владеењето на правото, за партиски и политички интереси е недозволиво, смета судијата Ивановски.