Фото: Игор Бансколиев

Според епидемиолозите, вакцината против сезонскиот грип не штити од коронавирусот, меѓутоа со неа треба да се постигне подобра заштита на населението од сезонски грип, за да може здравствениот систем да продолжи да се справува со болните од ковид-19

Македонија пред нов предизвик

Ќе се соочи ли Македонија со поголеми предизвици пред коронавирусот, откако ќе почне периодот на сезонски грип и на други вирусни заболувања? Дали здравствениот систем ќе може да одговори соодветно на зголемениот број пациенти во следните есенски и зимски месеци? Како да препознаат граѓаните што е сезонски грип, а што коронавирус? Сите овие дилеми стојат отворени пред почетокот на сезоната, за кои здравствените власти треба навремено да дадат одговори. Некои држави, како Србија, веќе почнаа со бесплатна вакцинација на населението против сезонски грип, како процес на имунизација на населението.
Дел од лекарите во Македонија исто така заговараа рана вакцинација против сезонски грип, но колку тоа може да биде ефикасно и како превенција од коронавирусот?
Венко Филипче, министерот за здравство, вчера за „Нова Македонија“ кратко изјави дека се очекува вакцинацијата против сезонскиот грип да почне на крајот на октомври.

Епидемиологот Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје во Скопје, вели дека во следниот период, покрај присуството на коронавирусот, потребно е да се намали притисокот што кај граѓаните може да го направи и грипот. Посочува дека вакцината против сезонскиот грип не штити од коронавирусот, меѓутоа со неа треба да се постигне подобра заштита на населението од сезонски грип, за да може здравствениот систем да продолжи да се справува со болните од ковид-19.
– Како центар за јавно здравје ќе имаме 4.000 илјади бесплатни вакцини за оние над 65 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Вкупно ќе бидат набавени 40 илјади вакцини. Тоа се малку вакцини, но ќе видиме како ќе се одвива интересот за вакцинација. Секоја година се вакцинираат пет отсто од популацијата против сезонски грип, а треба 40 отсто. Генерално луѓето во земјава не се вакцинираат против сезонски груп. Ќе видиме каков ќе биде интересот оваа сезона – посочува Стојанов.
Според Министерството за здравство, овој месец би требало да почне вакцинацијата против сезонски грип со што бесплатна вакцина ќе добијат 40.000 граѓани. Оттаму посочуваат дека во тек е набавката на вакцините.

Покрај бесплатната вакцина, преку центрите за јавно здравје се набавуваат и дози што ќе се даваат приватно, односно ќе бидат наменети за граѓаните што не спаѓаат во ризичните групи.
– Вакцинацијата ќе започне во текот на октомври, во согласност со препораките. Бесплатна вакцинација има за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до пет години – велат од Министерството за здравство.
Во споредба со минатата сезона, кога за вакцинација против грип беа набавени 28.000 дози бесплатни вакцини, оваа година количеството што ќе се набави е за повеќе од 40 отсто зголемено. Останува да се види дали новите количества ќе ги задоволат потребите, бидејќи лани бесплатните вакцини беа потрошени во првите денови и некои од оние што сакаа да се вакцинираат не можеа да добијат вакцина без да платат.
Според податоците од Управата за електронско здравство, во сезоната 2019/2020, вакцинирани биле вкупно 28.664 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини. Во однос на комерцијалните вакцини, во согласност со достапните податоци од Центарот за јавно здравје, вакцинирани биле 14.975 лица.
Од вкупниот број вакцинирани, 9.014 лица биле со историја на хронични заболувања.
Вакцината што треба да штити од ковид-19 сѐ уште е неизвесна.


Лани над 30.000 заболени и три смртни случаи од грип

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на заболени од грип и заболувања слични на грип изнесува 33.171 лице. Според возраста, најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15 до 64 години или 17.060 случаи.
Во текот на сезоната 2019/2020, се регистрирани вкупно три смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на различна возраст од 14 до 85 години од Скопје, Кочани и од Пробиштип, кои биле хоспитализирани на различни клиники во УКЦ „Мајка Тереза“ во Скопје. Кај сите починати лица е утврдено присуство на коморбидитети и ниту еден од нив не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип. Кај трите лица, лабораториски е потврдена инфлуенца А/Х1пдм.

[email protected]