Карикатура: „Нова Македонија“

Сѐ поголемата зависност на политичките партии, но и на владите, од приватниот капитал, води до формирање нова доминантна политичко-сопственичка класа, која во современото општество има привилегирана улога. Според Колин Крауч, тоа е главниот фактор за глобалната криза на демократијата во 21 век

На меѓународен план, на листата на топ-теми за дебати е темата за глобално управување, која подразбира глобална трансформација на мултилатерализмот, односно разнишаниот авторитет на меѓународните организации (како ММФ, Светска банка, НАТО или ЕУ) кон т.н. „светска влада“. Во анализата на аналитичарката Јадранка Половиќ, се изнесува заклучокот дека мултилатералното одлучување, кое зема замав во периодот по Студената војна, одземајќи им ја сувереноста на националните држави, силно ја менува природата на политиката и воспоставува нов систем во кој сѐ поголемо влијание имаат членовите на корпоративната заедница т.е. големите корпорации, но секако и на невладините организации.

Сѐ повеќе е очигледно дека токму на големите корпорации, но и на невладините организации потежишна активност им е „решавањето на главните општествени проблеми“. Аналитичарите ја истакнуваат тезата дека токму главните општествени проблеми се производ на корпорациите, а нивната заложба за „решавање на истите тие“ им дава несогледливи можности за влијание во обликувањето на владините јавни политики.

Доминација на елита мултинационални компании

Во новиот општествен контекст, управувачката елита на мултинационални компании почнува да доминира и со управувањето на владите, па постепено почнува да ги организира и дејностите на владите. Нејзиното општествено влијание се заснова на значително поширока политичка моќ, што за демократската рамнотежа претставува сериозен предизвик и упатува на корпорациските политички привилегии, скриени под слоганот – пазар и слободна конкуренција. Сѐ поголемата зависност на владите, како и на политичките партии од приватниот капитал, води до формирање нова доминантна политичко-сопственичка класа, која во современото општество има привилегирана политичка улога. Според Колин Крауч, тоа е главниот фактор за кризата на демократијата во 21 век.

Така, избраните политичари стануваат само марионети или инструменти за управување со општеството, кои корпоративниот сектор цврсто ги држи во своите раце и преку нив воспоставува паралелен систем на одлучување за глобалните прашања. На тој начин, корпоративниот сектор може според сопствената визија да дефинира нови глобални цели, но и решавање забележани закани за меѓународната безбедност. Предизвиците што како големи проблеми стојат пред меѓународната заедница – глобалната сиромаштија и нееднаквоста, климатските промени, одржливиот развој, обновување на регионите девастирани од војни и друго – всушност се резултат на дејствувањето на истите корпоративни екипи, кои го водат светот кон глобалната катастрофа, се вели во истражувањето на „Геополитика“.

– Отсекогаш постоело тоа вмрежување на економската и на политичката моќ, на регионално, па и на светско ниво. И тоа е некако логично дијалектички, економската сила да бара начин како да ја ефектуира својата моќ и на политички, управувачки план. Ако сме реални, свесни сме за таквата економско-политичка поврзаност, особено во времето на глобализацијата. Меѓутоа не сум приврзаник на издигнување на таквата дијалектика на ниво на теорија на заговор. Таквите теории имаат повеќе психолошко влијание во јавноста, во смисла таа да се убеди дека сѐ е однапред определено (нешто како судбина), ние „малите луѓе“ сме немоќни да направиме што било во врска со плановите на таа глобална моќ, што секако води кон дефетизам или оправдување да не се преземе ништо. Таквата филозофија на глобално управување со општествените процеси од еден центар на моќ, мошне лесно и вешто ја материјализираат локалните и регионалните моќници. Теориите за „глобално управување“ секогаш вешто се користат за оправдување (и заштита) на сопствената неодговорност на оние што имаат одредена моќ на локално ниво. Секогаш ја злоупотребуваат својата моќ, потхранувајќи го дефетизмот на јавноста – смета Илија Ацески, професор по социологија на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Кога станува збор за ЕУ, таквата корпоративна филозофија и модел на финансирање на општествените потреби, сѐ повеќе го нарушуваат и го ставаат под прашање вредносниот систем на Европа како „држава на благосостојба“. Имено, иако на почетокот од 21 век тешко е да се зборува за единствен европски социјален модел (European social model), поради сѐ поголемото економско раслојување и огромната нееднаквост меѓу богатото европско јадро и неговата периферија, визијата за „социјална Европа“ и понатаму претставува една од темелните вредности на Европската Унија. Социјална Европа како модел за општествен развој, кој ги поврзува одржливиот економски раст и општествениот напредок во смисла на постојано подобрување на условите за живот и работа, претпоставува основни социјални права, колективно договарање, законска заштита на вработените, широк општествен дијалог, како и државна одговорност за благосостојбата на своите граѓани.

Националното единство како противтежа на глобалната моќ

Овој модел на општествен развој, во суштина ги претставува стремежот и предизвикот на реформите што им ги дава како задачи ЕУ, на земјите што имаат аспирации да станат нејзини членки. Сепак, таквиот идеал на „држава на благосостојбата“, во политичката практиката најчесто се користи како модел за поставување политички услови кон земјите-кандидатки за да спроведат нешта што не се во нивни интерес, а многу е релативно колку е и во интерес на ЕУ, освен како изговор колку што е можно подолго да ги држат подалеку од својот клуб.

– Влијанието на глобалната моќ не е толку конзистентно и самото неподложно на влијанија, во зависност од процената на ситуацијата. Не би било толку лесно моќните да го реализираат своето влијание кога ние би имале поголемо национално единство. Имало ситуации во новата историја на Македонија кога моќните се откажале од наметнување на своето влијание, кога констатирале дека за одредено прашање постои цврсто единство. Но кога ќе забележат разединетост, тогаш не ја испуштаат можноста за материјализација на својата моментална моќ. Глобалната моќ не е семоќна, ниту има такви намери. Само ги користи моментите на слабост и разединетост кај нациите – смета социологот Ацески.