Со тоа што ЕУ не го смета Балканот за еден од своите стратегиски приоритети, таа направи колосална грешка. Но за замрзнувањето на процесот на проширување, проблемот очигледно не бил само во Париз туку и во Берлин

Многумина светски политички аналитичари тврдат дека ЕУ во овој момент е неспособна да размислува стратегиски поради своите внатрешните проблеми. Но, сакале да признаеме или не, Европската Унија во изминативе пет години донесе и три стратегиски одлуки со голема специфична тежина. Имено, ЕУ: прогласи санкции кон Русија, се отвори за миграции и, последното и конечно, а за нас најбитно, ЕУ реши дека Балканот не е нејзин.
Дали „најголемите и највлијателни“ европски нации, како што се Британците, Французите и Германците, знаеле дека со тоа се донесува долгорочна стратегиска одлука, која од врвот до дното ќе го преуреди сфаќањето на европската самосвест и идентитет?

Тие три одлуки, секоја на свој начин, им отворија простор на евроскептицизмот, на длабоката разочараност дека всушност (не) постојат фундаменталните принципи на Унијата, отвори простор за револт и алтернативи за европскиот пат и, конечно, ги засили националистичките сили во самите земјите-членки на ЕУ.

(Не)свесна трислојна стратегија на ЕУ?!

Трите стратегиски одлуки на Унијата се:
1. Санкциите на ЕУ против Русија, кои траат повеќе од пет години и веќе се наоѓаат во фаза на автоматика. Без оглед на тоа кога ќе бидат формално укинати, тие во колективната свест ќе траат најмалку уште сто години. Тие ќе се паметат, бидејќи тоа беше моментот кога институционализирана Европа конечно ги оттурна Русите од себе.
2. Прашањата на отворени граници за мигрантите, односно либерално допуштените миграции (читај: нерегулирањето на тој масивен процес, нашминкан како слобода на движење) не престануваат да го разградуваат самиот фундамент на кој стои ЕУ. Промиграционите аналитичари секогаш ќе дадат дијагноза дека „национализмите се тие што ја уништуваат постнационална Европа“ и притоа ќе заборават дека актуелните национализми се само одговор на миграциите на големите бројки.
3. Исклучувањето на Балканот, како трет дел и последен слој од стратегијата на ЕУ, за нас е најважен.

Изземањето на Балканот – трета стратегиска одлука на ЕУ

ЕУ одлучи дека Балканот не е нејзин, стави точка на проширувањето, го прогласи за туѓа земја. Сигурно, тука ЕУ ја поддржа одлуката на францускиот претседател, но од реакциите е јасно дека никоја од земјите-членки на ЕУ таквиот епилог не го доживува како катастрофа.
Еве што во таа насока коментира реномираниот минхенски „Зидојче цајтунг“: „Министерот за надворешни работи Хајко Мас, престојувајќи неколку часа во Скопје, порача: ’Ние сакаме ЕУ да го одржи зборот што им го даде на Северна Македонија и на Албанија’. Тоа што звучи како охрабрување е всушност признавање на поразот. Ангела Меркел го обработуваше Емануел Макрон до последната минута. Без успех“.
Весникот натаму додава: „Таа епизода е дел од пошироката историја на драмските квалитети. Се работи за тоа каде ја води Европа францускиот претседател! За ’стравотната кавга’ со Берлин, Макрон зборуваше уште во април, додека Меркел се одлучи за спортскиот термин ’борење’. Последнава недела стана јасно дека Берлин и Париз не се судираат само за тоа кој пат да се избере – туку и која цел“.
Во основа, заклучува минхенскиот дневен весник, станува збор за стратегиски конфликт.

Стратегискиот конфликт за Балканот е всушност премолчен стратегиски консензус

Од претходново, на прв поглед може да се заклучи дека се работи за стратегиски конфликт за Балканот меѓу Франција и Германија. Но дали е тоа баш така? Дали германскиот конфликт со Франција бил навистина длабок или се работи за фингиран конфликт и замачкување очи на јавноста? Дали е тоа смислена игра на „добриот и лошиот Европеец“?
Дека германскиот отпор не е толку силен се гледа од спомнатиот коментар на Хајко Мас во „Шпигел“, таму каде што рече дека Германија плива или тоне со своите источни соседи. Имено, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во коментарот за „Шпигел“ (10.11.2019), меѓу другото, напиша: „Кога зборуваме за безбедноста, Европејците не смеат да се поделат. Германија нема да води ексклузивна национална политика, ниту во однос на Москва ниту во што било. Нашите соседи во Полска и на Балтикот може да имаат доверба дека нивните национални безбедносни потреби нам ни лежат на срце како и нашите сопствени. Европа што ни е потребна нам нема да се случи врз нивните глави“.
Ова, преведено со поедноставен, разбирлив речник, Мас вели дека Германија веќе одамна го минала својот рубикон и својата безбедносна политика ја ставила првенствено и приоритетно на своите источни соседи.
Мас во делот за безбедносните потреби на Балтикот и Полска вели: „Да, силна и суверена Европа е потфатот што Германија и Франција го испишаа на своите знамиња. Тоа е потфат од кој никој во Европа не смее да биде исклучен!“. Се разбира, никој освен Балканот!

А кои се долгорочните приоритети на Германија?

Мас во коментарот за „Шпигел“ вели: „Во овие драматични времиња мора да го држиме цврстиот курс кон силна Европа како мотор за ревитализација на трансатлантскиот сојуз. Не како германско-француски проект, туку и како заедничко дело на сите Европејци. Само така Европа ќе биде безбедна.
Германија, како земја во центарот на Европа, мора поради тоа да ја преземе централната, посредничка и одмерена улога, како во Европа, така и кон Соединетите Американски Држави. Ако ние не го преземеме водството, нема никој друг. Да се биде глас на разумот денес е најважната германска надворешнополитичка и безбедносна одговорност“, продолжува Мас.
Во тој контекст, еве ги германските стратегиски приоритети, по оној ред по кој ги набројува Мас: украинската криза, уставните промени во Сирија, иранската атомска програма, стабилизација во африканската зона Сахел, примирјето во Либија… Балканот не се спомнува. Освен африканскиот Сахел, сите други точки во суштина имаат за цел одржување на конфликтот со Русија.
А за Балканот остануваат неколку часа, колку да се испие кафе на аеродромот во Скопје, за тој или кој било друг специјален пратеник да ги утеши неутешните Македонци (во Северна Македонија). Н.М.