Со свои пораки упатени од поблиското и од подалечното опкружување до граѓаните на Македонија, но и со оние изречени тука, при нивните посети на земјава, претставниците на меѓународната заедница секако, повеќе или помалку, влијаат за создавање определена предреферендумска атмосфера, но дали и колкаво влијание тие можат да извршат врз волјата на граѓаните при нивното скоро изјаснување е прашањето околу кое граѓаните и експертите се поделени

Во трката по гласовите „за“ и „против“ што на претстојниот референдум на 30-ти овој месец треба да ја определат судбината на спогодбата за решавање на долгогодишниот спор со Грција за името, повеќе или помалку директно, сѐ поинтензивно се вклучуваат голем број претставници на меѓународната заедница. Со свои пораки упатени од поблиското и од подалечното опкружување до граѓаните на Македонија, но и со оние изречени тука, при нивните посети на земјава, тие секако, повеќе или помалку, влијаат за создавање определена предреферендумска атмосфера, но дали и колкаво влијание тие можат да извршат врз волјата на граѓаните при нивното скоро изјаснување е прашањето околу кое граѓаните и експертите се поделени.
Мошне илустративен во тој поглед беше вчерашниот ден, кога Македонија ги угости aмериканскиот секретар за одбрана Џејмс Норман Матис, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента, генерал-мајор Стивен Креј од Националната гарда (НГ) на сојузната држава Вермонт, САД, и пратеникот од редовите на зелените во германскиот Бундестаг, Мануел Сарацин.

Но и во периодот што им претходеше на овие посети, за мошне кратко време земјава, меѓу другите, ја посетија шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања, Арон Вес Мичел, германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, британската премиерка Тереза Меј, австрискиот канцелар Себастијан Курц, американскиот сенатор Рон Џонсон, министрите за надворешни работи на Луксембург, Холандија и на Албанија, Жан Аселборн, Стеф Блок и Дитмир Бушати, како и претседателот на Косово, Хашим Тачи…

Некои од нив и директно повикаа да се гласа „за“ договорот со Грција и членството во ЕУ и во НАТО, a само порачаа дека референдумското изјаснување е демократско право на секој граѓанин и историска можност за нашата евроатлантска иднина.
Јавноста во земјава, како пошироката, така и стручната, е поделена во оцените за можните ефекти од овие пораки и посети. Некои граѓани велат дека веќе имаат оформен став за тоа дали ќе излезат да гласаат или не, но има и такви што велат дека внимателно ги слушаат и ги уважуваат пораките на странските дипломати.
Аналитичарот Лазар Лазаров смета дека и самите политичари-гости, но и оние што ги повикуваат може да си ги загрозат своите кариери. Тој коментира дека ваквата практика кај домашните партии да повикуваат видни личности од европската, но и регионалната политичка сцена, може многу негативно да се одрази врз тие политичари, но и пред домашниот неопределен електорат.

Слично размислува и политикологот Милан Стефановски.
Според него, гостувањето и улогата на странските политичари, особено сега, пред одржувањето на референдумот, може само да придонесат да има поголема конфузија кај гласачите, што ќе се одрази на тоа дали тие треба да гласаат по сопствено убедување или по она што им наложува секојдневното следење на изјавите на странците.

Според него, македонските граѓани се чувствителни кога станува збор за прашањето на името, а референдумот го гледаат како наметнат проблем, за кој сѐ уште не се подготвени да се изјаснат, па дури ни кога тоа е услов за влез во ЕУ и во НАТО. Во исто време и двајцата соговорници сметаат дека секој политичар треба да внимава и да ги проучи локалните услови пред да даде поддршка за некоја од понудените опции.
Сосема спротивно размислува професорот Ѓорги Тоновски од универзитетот „Климент Охридски“. Тој, во изјава за РСЕ, вели дека на посетите на странците во Македонија треба позитивно да се гледа, зашто, според него, ова е еден од начините со кои им се оддава признание на државата и на граѓаните дека се рамноправен партнер со другите европски земји.

– Нивното доаѓање е силна порака и силен импулс во однос на зголемувањето на процентот на луѓето што дефинитивно веруваат во ЕУ и во НАТО. Мислам дека нивното доаѓање ќе има ефект врз граѓаните и е всушност еден од поените што ќе овозможат да се закитиме со позитивен референдум. Мислам дека македонскиот народ е свесен дека, сепак, тоа што тие доаѓаат значи и промоција и на државата и на самиот народ во светски рамки – изјави професор Тоновски за РСЕ.