Фото: Игор Бансколиев

Република Северна Македонија в недела го одржува првиот круг од своите претседателски избори. Прв изборен циклус на земјата под ново име, додека таа се бори со тешки економски проблеми, корупцијата и високата невработеност. Вака накратко странските медиуми ја опишуваат предизборната состојба на земјава во своите последни анализи посветени за претседателските избори закажани за в недела во земјава. Реномираниот веб-портал „Евроактив“, во свој текст објавен под наслов „Претседателските избори во Северна Македонија може да го загрозат Преспанскиот договор“ наведува дека и покрај тоа што Атина нема да ja попречува идната евроатлантска интеграција на земјава поради смената на името, малиот одѕив на изборите, кој се шпекулира во јавноста, може да придонесе земјата да ги забави нејзиниот просперитет и јакнењето на владеењето на правото.

– Полупразната држава на Балканот во недела ќе избира претседател помеѓу десничарката Гордана Сиљановска-Дафкова, Блерим Река, претставник од албанската етничка заедница и социјалдемократот Стево Пендаровски.
Вистинската битка за наследник на сегашниот претседател Горѓе Иванов многу веројатно ќе се бие во вториот круг, односно на 5 мај – пишува порталот „Евроактив“. На истата тема интернет-порталот на француската национална телевизија „Франс24“ вели дека Северна Македонија има ново име, но со стари проблеми.

– Граѓаните на земјата со просечна плата од 400 евра и висока невработеност од над 20 проценти, според Државната агенција за статистика, не им е многу важно кој кандидат ќе победи на изборите. Тие се чувствуваат изманипулирани и незадоволни од политиките на политичарите во земјата. Најважно, според нив, без оглед на тоа кој ќе победи, е земјата да ја продолжи приказната за ЕУ и за НАТО докрај – наведува „Франс24“ во своја анализа посветена за претстојните претседателски избори.
На истата тема „Ројтерс“ се осврнува со свој текст насловен „Промената на името ги прогонува македонските претседателски избори“ и вели дека прозападната влада на премиерот Зоран Заев пред изборите стравува од исходот на ЕУ дали во јуни Брисел ќе го додели датумот за преговори на Скопје. Според „Ројтерс“, малиот одѕив на минатогодишниот референдум е можното непожелно сценарио кое може да се повтори и на овие претседателски избори.

Според реномираниот „Блумберг“ додека државата е на пат да стане најнова членка на НАТО и се надева дека ќе ги започне преговорите со ЕУ, земјата и понатаму се наоѓа во своевидна војна за влијание помеѓу двете најголеми светски сили, САД и Русија. Промената на името наидува на отпор кај опозицијата, соопштува „Блумберг“.
„Јуроњуз“, пак, пренесува дека по контроверзната промена на името, Северна Македонија се подготвува за првите избори во новата ера.
Од своја страна, „Њу Јуроп“ информира дека политизираната нација ќе излезе на гласање на 21 април, при што останува и загриженоста за нискиот одзив.


Право на глас имаат 1.808.131 граѓанин

Претседателските избори ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и градот Скопје и на 32 во странство. Право на глас имаат 1.808.131 граѓанин, соопшти ДИК. Според ДИК, во изводите од избирачкиот список се запишани 1.726.795 гласачи, 77.579 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.640 се на издржување казна затвор или се во притвор, а седум гласачи се запишани како внатрешно раселени лица. Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои поднеле пријава во ДКП во странство, запишани се 1.781 гласач. Дополнително, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат 1.640 лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, седум внатрешно раселени лица, како и 3.583 немоќни и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Внатрешно раселените лица гласаат во прифатилиштата каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување куќен притвор гласаат во местото каде што ја издржуваат мерката. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 5 мај.Ова се шести претседателски избори во земјава од нејзиното осамостојување во 1991 година.


ОБСЕ – ОДИХР ќе ангажира 279 набљудувачи

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе ангажира 279 набљудувачи за претстојните претседателски избори, чиј прв круг е закажан за 21 април, в недела. Вчера и официјално почна набљудувачката мисија за претседателските избори, а мисијата ја предводи Корин Јонкер, која на прес-конференција појасни дека ја сочинуваат 11 експерти со седиште во Скопје, а следниот понеделник во земјава пристигнуваат 18 долгорочни набљудувачи. Тие ќе работат во девет тима по двајца, при што ќе се води сметка тимовите да имаат мултиетнички карактер. Како што информираат од ОБСЕ, неколку дена пред изборите ќе се приклучат околу 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата територија на земјата, а на денот на изборите набљудувачката мисија на ОДИХР ќе ги здружи своите сили со делегациите на парламентарните собранија на ОБСЕ и на Советот на Европа. Инаку, набљудувачката мисија е назначена на покана на Министерството за надворешни работи. Мисијата вчера имаше средби во МНР, а денеска одржала состанок и со Државната изборна комисија.