Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу граѓани избегнуваат да посетат каква било ординација доколку не се соочат со некоја итна потреба или болка. За ваквите примери потврдуваат и стоматолозите, кои велат дека, и покрај примената на заштитна опрема и работата според строго утврдени протоколи, токму поради стравот од пандемијата имаат значително намалена посетеност

Денталното здравје не е помалку важно и не треба да се запоставува, а стоматолозите велат дека усната празнина е прозорец за здравјето на човековото тело. Но токму поради пандемијата на коронавирусот, многу луѓе се плашат и не се осмелуваат да го посетат својот стоматолог.
Многумина избегнуваат да посетат и каква било ординација доколку не се соочат со некоја итна потреба или болка. За ваквите примери потврдуваат и стоматолозите, кои велат дека, и покрај примената на заштитна опрема и работата според строго утврдени протоколи, во нивните ординации токму поради стравот од пандемијата имаат намалена посетеност. Заболекарите објаснуваат дека дозволените интервенции се реализираат исклучиво така како што е пропишано. Додаваат дека системските заболувања, оние што влијаат на целото тело, прво можат да станат очигледни поради лезии што се јавуваат во устата или поради други орални проблеми. Без разлика дали некој е на осумгодишна или осумдесетгодишна возраст, треба да води сметка и за своето дентално здравје.
– Токму поради пандемијава имавме препораки од Комората на стоматолози за неколку степени на рестрикции во нашето работење, како што е на пример чистење забен камен. Интервенираме кај оние што имаат забоболка, оток, скршен заб, она што е итно. Заштитени сме со маски, визири, заштитни костими и ракавици.

Кога работам со аеросоли, носам визир, заштитен костим, ракавици. На секој пациент прво му мериме температура, а потоа бараме од него да направи дезинфекција на рацете и штом ќе седне на стоматолошкото столче му правиме дезинфекција на устата со хидроген или некое друго средство за плакнење. Можеби не секој стоматолог го прави тоа, но јас го практикувам за да бидеме заштитени и ние и пациентите. Но мора да кажам дека има пациенти на кои им е страв да дојдат, па прашуваат и се консултираат само по телефон, како што беше на почетокот на коронавирусот. Меѓутоа има и такви што доаѓаат, имаат проблем со влегување храна на забот, им пречи некој кариес што тие не го гледаат, а сепак велат дека забот им реагира на ладно, на благо, а тоа е длабок кариес. Да не зборуваме за отеченост, пулпитис или гангрена, кои доста болат. Иако е пандемија, вадиме и заби, сепак и тоа го работиме – вели д-р Симона Иванова Најчевска, стоматолог во здравствениот дом „Железничар“.
Таа додава дека во ова време на пандемија не е толку полна амбулантата како порано, но сепак вели дека работата си тече, има протоколи според кои се придржуваат. Ако претходно примале од 10 до 12 пациенти, сега имаат пет-шест. По секој пациент проветруваат и дезинфицираат. Таа вели дека имаат секакви случаи, но затоа внимаваат и се придржуваат до оној четврти степен на рестрикција од Стоматолошката комора, а тоа е да се избегнуваат ситуации каде што се користат аеросоли, како при стружење заби.

Редовната посета на стоматолог и добрата орална хигиена може да ги спречат повеќето дентални заболувања. Но сега, поради пандемијата, многу луѓе посетуваат стоматолог само ако имаат болка или мислат дека нешто не е во ред. Особено е исплашена повозрасната популација, која, пак, е и најранлива категорија во однос на ковид-19. Оваа група граѓани, пак, имаат потреба почесто да го посетуваат својот протетичар, бидејќи имаат проблем со исхраната. Протетичарите тврдат сега особено ги плаши мутираниот коронавирус.
– Во првите месеци од пандемијата беа исплашени, а потоа кога имаа потреба да се хранат почнаа да доаѓаат, некои беа во шокова состојба ако некој починал од ковид-19. Друга група се плашеа да дојдат да не се заразат од други пациенти. Кај мобилната протетика нема опасност да се плашат ако се придржуваме до сите мерки. Па, потоа се плашеа младите да ги донесат, па тамам се ослободија, сега се плашат од новиот мутиран вирус.

Протетиката се состои од мобилна и фиксна протетика. Кај мобилната протетика луѓето не се плашат како кај фиксната, бидејќи мобилната не е оптоварена со крв или со некое стружење со аеросоли. Кога ќе дојде пациент, тој ја вади маската, затоа јас ја ставам, а ставам и визир и не се плашам, зашто нема да стружам со турбини што пиштат и прскаат вода, аеросоли, автоматски кога ние стругаме и крв. Не го правам тоа, бидејќи користам едно ноже, лажица и работам со отпечаточни маси, без крвав метод. Тој дел од пациентите, јас велам бабите и дедовците, не се плаши толку. За да дојдат кај мене им треба упат, а едно време матичните лекари работеа по телефон, па и тоа им беше проблем, па затоа кубуриме и не можеме да ја исполниме нормата – објаснува докторот протетичар Владимир Симеоновски.
Стоматолозите велат дека денталното здравје е одлика на целокупното здравје, како се храните така и ќе живеете, здрави заби се потребни за здраво тело.