Каква рефлексија ќе има вирусот врз изборните случувања во Македонија Фото: Маја Јаневска-Илиева

Коронавирусот излезе од доменот на здравството и како да се префрла во делокругот на политиката и политикантството. Дури се забележуваат и обиди за злоупотреба на вирусот во политички цели, во насока на собирање политички поени. Колку ваквиот синдром може да се одрази и рефлектира и врз домашните политички случувања, со оглед на фактот што Македонија се наоѓа во предизборен период

Подигнатото ниво на алармирање од коронавирусот во светот, сѐ повеќе се доближува и до Македонија. Всушност, Владата веќе презема мерки за превенција, со здравствена контрола на граничните премини, како и со низа препораки и упатства. Министерот за здравство, Венко Филипче, апелира до сите што доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувствуваат некои од симптомите да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје. Но тоа е само здравствениот агол од приказната за коронавирусот, која има и свои политички импликации.

Во ситуации на глобална закана од епидемија, придружните општествени ефекти во секоја држава, често се поопасни и од самата болест. Еден од облиците на таквите општествени нуспојави е ширењето паника, која често може да достигне и неконтролирани размери на ширење страв, што, пак, може да биде (зло)употребено и во политички цели. Особено во период во каков што моментално се наоѓа Македонија, кога за педесетина дена треба да се излезе на избори, а претходно се случуваат низа партиски активности, кои предвидуваат и масовни собири. Актуелниот политички миг го поставува и прашањето како може да влијае коронавирусот (и воопшто некаква епидемија) на текот на политичките настани во нашата држава и, од друга страна, постои ли можност за политичка злоупотреба на коронавирусот за добивање одредени политички поени.

– Паниката воопшто, особено онаа што се шири од опасност за болести, кога ќе излезе од нормален тек, може да направи штета на сите нивоа на општеството, но и да биде (зло)употребена од политиката. Таквиот општествен психолошки момент политиката вешто го користи, а моралната паника е особено погодна за манипулација. Во актуелниот македонски политички момент се поставува прашањето кому му одговара манипулацијата со паника од коронавирусот. Сметам дека таквата паника им одговара на сите политички фактори, заинтересирани за освојување на власта. Првичниот политички инстинкт за манипулација е да се оттргне вниманието на населението од главните проблеми, со насочување на стравот спрема поголема опасност, од апокалиптични размери, како коронавирусот. Кога населението е уништено во психолошка смисла, стравот лесно може да се користи како средство за политичка манипулација – вели социологот Илија Ацески.

Ацески укажува дека паниката е едно од орудијата за перманентна контрола на однесувањето на населението од страна на политиката. Некогаш политичките фактори (партии) ја користат во форма на укажување на опасностите од политиките на противниците, а во кулминативни моменти и за своевидно бришење или барем потиснување на колективната меморија, во која се напластени сеќавања од различни стравови и политички грешки, со еден најголем страв.
– Главните играчи на политичката сцена некогаш сакаат да (си) го избришат минатото и да започнат од ново. Некогаш тоа се правеше со револуции, но во услови на современа глобализација револуциите се премногу опасни, па перманентното ширење паника служи за постигнување на таквата цел – бришење на колективната меморија со поголем страв – вели Ацески.

Глобалниот страв од коронавирусот, кој со преминувањето на паниката на европскиот континент, може да биде применет и за ширење одредено политичко влијание во предизборието, многу лесно пренебрегнувајќи ја политичката етика.
– Нивото на политичкото однесување и придржување до политичката етика во Македонија, воопшто не гарантира дека стравот од коронавирусот нема да биде злоупотребен и за претстојните избори. Во услови кога преку разни канали може многу лесно да се шират (дез)информации, речиси не може да се контролира ширењето страв од зараза на масовни собири, како на пример на изборни митинзи, па и на одзивот на изборниот ден. Кога постојат услови за злоупотреба на информации, секако, може да се влијае врз политичкото и изборното однесување на популацијата – оценува комуникологот Живко Андревски.

Како превенција на политичката злоупотреба на стравот од коронавирусот, Андрески смета дека системот на информирање треба да биде помобилен и да се добиваат целосни информации. Освен тоа, смета дека нецелосното информирање, односно создавање перцепција во јавноста дека нешто се крие во однос на опасноста и случаите на заболени, може да предизвика уште поголема штета.


Апел да не се шири паника

Министерот за здравство, Венко Филипче, испрати апел во јавноста, во врска со ситуацијата за пациентот чии тестови беа негативни за коронавирус.
– Ние ќе разговараме за откажување на сите патувања во овој дел на Италија. Сите што дошле од критичните региони треба да се придржуваат кон препораките. Апелирам јавноста да не наседнува на лажни вести, да не се креира непотребна паника. Патниците да кажуваат вистински информации, нема потреба да се кријат информации, мора да се кажува вистината. Што се однесува до медицинска опрема, ние имаме доволно количество. Од друга страна, кажано ни е дека има доволно количество маски во аптеките – истакна Филипче.
И покрај големиот број случаи со коронавирус, кои се регистрирани во Италија и високото ниво на превенција во таа земја, министерот Филипче вели дека кај нас не се размислува сите патници што ќе дојдат од Италија да се ставаат во карантин.


Владата со препорака за одложување на патувањата во Италија

Владата вчера на седница донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети, да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје. На граѓаните на земјава им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.
Ова е дел од владините заклучоци што беа донесени на единаесеттата седница во интерес на заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните, а врз основа на препораките на кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство и на управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
Владата, како што соопшти владината прес-служба, му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветно количество заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции за заштита на персоналот, како и соодветно количество сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.