Стотина граѓани излегоа на собирот за поддршка на протераниот руски дипломат, кој се одржа попладнево пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје.

Рускиот амбасадор Олег Шчербак излезе пред собраните граѓани кои скандираа „Русија, Русија“, за да им се заблагодари за поддршката. Шчербак го повтори ставот дека Македонија избрзала со одлуката за протерувањето на рускиот дипломат повикувајќи се на, како што рече, лажното чувство на солидарност кон Велика Британија.

Организаторот на собирот, Јанко Бачев од партијата Единствена Македонија, му порача на амбасадорот дека македонскиот народ сака да влезе во Евроазиската унија со Русија, а не во НАТО и во ЕУ.

Владата ја донесе одлуката за протерување во солидарност со Велика Британија, во врска со случајот „Скрипал“, по што рускиот дипломат вчера замина од Македонија заедно со своето семејство, според руските медиуми.