Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја покани Македонија да се зачлени во воената алијанса на која ѝ се наѕира крајот на постоењето, а ние прославуваме и се радуваме, иако поради тоа мораме да го промениме името на државата

Лидерите на 29-те земји-членки на НАТО завчера, на првиот ден на самитот во З одлучија да ја поканат Македонија да почне преговори за членство, а официјалната покана генералниот секретар Јенс Столтенберг вчера попладне, на свечена церемонија во седиштето на Алијансата, требаше да му ја врачи на премиерот Зоран Заев. Со овој чин се отвора патот Македонија да стане 30-та членка на НАТО, а од поканата до конечното членство следуваат процеси, како во однос на исполнување на обврските што Скопје и Атина ги презедоа во договорот за решавање на спорот за името така и во однос на процедурите што претстојат за секоја земја-кандидат.
Генералниот секретар Столтенберг објасни што подразбира поканата.
– Го поздравуваме договорот помеѓу Атина и Скопје и се согласивме да ја поканиме Владата во Скопје да започне пристапни преговори, откако ќе бидат заокружени сите внатрешни процедури за да се финализира договорот, земјата ќе влезе во НАТО како 30-та членка – изјави генералниот секретар Столтенберг на прес-конференцијата по првата сесија на самитот.

Премиерот Заев во своето обраќање изрази уверување дека повеќето граѓани на Македонија ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум за договорот со Грција. Тој, учествувајќи како говорник на конференцијата „НАТО-ангажмани: дијалози на самитот во Брисел“, истакна дека по одлуката на НАТО, следуваат обврските што треба да ги исполнат двете страни.
– Ние се обврзавме на референдум, бидејќи го менуваме уставното име. Референдумот би требало да се одржи кон крајот на септември, почетокот на октомври, потоа следуваат уставните измени, за што се потребни до сто дена според деловникот на Собранието, а потоа следува ратификација во грчкиот парламент – рече Заев.
Тој додаде дека несогласувањата со претседателот Ѓорге Иванов и со ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат менаџирани преку отворен дијалог.
– По референдумот, сите политичари во нашата земја ќе мора да се покорат на волјата на граѓаните – рече Заев.
Во контекст на овие случувања, симптоматични се и последните изјави на првите луѓе на ЕУ и на НАТО што иницираат дека е можно воената алијанса во иднина да се распадне.
Хронолошки гледано наназад, последна беше изјавата на Столтенберг, дадена на самитот, во која тој прогнозира дека сосема е можно НАТО да не трае вечно. Имено, генералниот секретар изјави дека е важно да се разбере дека нема природен закон според кој Алијансата би требала да постои вечно.

– Треба да ја зачуваме Алијансата и да ја осовремениме. Се трудам да го ограничам колку што е можно негативното влијание на несогласувањата во НАТО. Досега тие не се рефлектираа толку многу, не знам како ќе биде во иднина – додаде тој.
Изјава со слична загрижувачка конотација две недели претходно даде и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој преку Ројтерс му порача на американскиот претседател Доналд Трамп повеќе да ги почитува сојузниците на САД, тврдејќи дека сега тие не се многу на број.
– И покрај нашите неуморни напори за зачувување на единството на Западот, трансатлантските односи се поставени пред голем испит поради политиките на американскиот претседател Доналд Трамп. За жал, поделбата не е само за трговските прашања. Дозволете ни да се надеваме на најдоброто, но мора да се подготвиме за најлошото – вели Туск во своето медиумско излагање наменето до неговите колеги во Европскиот совет и додава дека трансатлантските односи се заладија по доаѓањето на Трамп на власт поради несогласувањата за различни прашања, како на пример договорот за климатските промени, нуклеарниот договор со Иран, финансиските издатоци на европските земји во НАТО и преселувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
На последниот ден од самитот американскиот претседател Доналд Трамп во Брисел се закани дека САД ќе се повлечат од воено-политичкиот сојуз доколку другите членки не го зголемат своето трошење за одбрана, односно за војската.
– Ако сојузници до следната година не ја достигнат таа цел, Америка ќе мора да тргне по својот пат – изјавил Трамп на средбата со лидерите на членките на Алијансата, а сето било сфатено како закана дека САД можат да го напуштат НАТО, со што би се расформирал воениот пакт, кој ги одредуваше односите во светот по Втората светска војна.

Во меѓувреме на ваквата состојба предупредува и политичкиот аналитичар Сашо Клековски, кој истовремено е и извршен директор на МЦМС. Тој во колумна за „Нова Македонија“ пишува дека „НАТО е застарено“, a тоа не е негов личен став против НАТО, туку позајмен наслов од виш советник од администрацијата на Буш Постариот.
– Како и секоја организација, НАТО има своја мисија, а таа неформално најдобро е опишана од Лорд Хастингс, првиот генерален секретар на НАТО во 1949 година: „Да се држат Русите надвор, Американците внатре, а Германците долу“ – пишува Клековски.
Тој наведува дека ваквата неформална мисија е одраз на тогашните закани од советска инвазија, американска тесноградост (изолационизам) и од германски милитаризам, а оттогаш досега најголем дел од овие закани се одамна изминати, а Варшавскиот пакт и Советскиот Сојуз се веќе далечна историја.
Сега, според аналитичарот, ерата на евроатлантскиот регион е во заминување, доаѓа ерата на пацифичкиот регион, а новите закани за САД не се во евроатлантскиот регион, туку во Азија, поточно во Кина и во Иран.

– Но сето ова не значи дека оние што се ориентирани против НАТО можат да се радуваат дека е дојден крајот на НАТО. Сегашната кавга е само зголемување на притисокот на САД врз ЕУ да ги зголеми воените буџети на декларираната цел од 2 проценти, која сега ја исполнуваат, покрај САД, само Велика Британија и Полска. Целата кавга нема да заврши со крај на НАТО, туку најверојатно со зголемување на придонесот на ЕУ во европската одбрана. И доколку биде неуспешна потрагата по нова мисија на НАТО и доколку геостратегиските промени покажат дека е подобро НАТО да се замени со армија на ЕУ, која секако ќе биде сојузничка со САД, и доколку дојде крајот на НАТО, дебатата за целисходноста на НАТО е нешто што САД можат да си го дозволат, што Германија може да си дозволи, но малите земји како Македонија не можат да си го дозволат – пишува Клековски.


Каменос: Македонија нема да стане членка на НАТО

Министерот за одбрана на Грција и коалициски партнер во грчката влада, Панос Каменос, не отстапува од ставот дека Македонија нема да стане членка на НАТО, а спогодбата од Преспа нема да се имплементира.
Каменос од самитот на НАТО во Брисел изјави дека договорот од Преспа нема никогаш да се имплементира затоа што нема да помине ниту во грчкиот парламент.
– Може да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат сѐ додека го користат терминот Македонија – рекол Каменос.
Во однос на тоа кога ќе се одржат избори во Грција, Каменос рекол да не очекуваат избори бидејќи „сѐ додека скопското прашање не е дојдено во парламентот, изборите ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат“.


В сабота ќе се слави во 15 града

Премиерот Зоран Заев од Брисел најави дека в сабота во 15 македонски града ќе се слави поканата за зачленување на Македонија во Алијансата.
– Ја добивме поканата да станеме сојузник на најсилните земји на светот. Ова е покана за полноправно членство во најголемиот сојуз за мир и безбедност на меѓународната сцена. Дочекавме уште еден голем ден. Ги остваривме нашите заеднички стратегиски цели, нашите заеднички соништа и надежи. Да продолжиме да чекориме до следната голема одлука, кога повторно ќе кажеме „да“ за нашата иднина и за македонската иднина. Ве повикувам в сабота, на 14 јули, да прославиме заедно во градовите низ Македонија. Владата подготвува прослави во 15 града, каде што со домашна музика ќе си честитаме затоа што одиме напред, Македонија влегува во НАТО и чекори кон ЕУ – изјави Заев во своето обраќање до граѓаните.