Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и Северноатлантскиот совет в недела доаѓаат во Скопје со два авиона. Прв ќе слета авионот на Столтенберг, во кој ќе бидат и шестмина члена на неговиот кабинет, а еден час подоцна, ќе слета и авионот со Северноатлантскиот совет, во кој ќе бидат 29 претставници на земјите членки на НАТО.

Дане Талески, советник на премиерот за надворешна политика и национален координатор за НАТО, вели дека ова е втора посета од ваков ранг на Македонија.

-Првпат Северноатлантскиот совет, предводен од тогашниот генерален секретар Џорџ Робертсон, ја посети Македонија во 2003 година, но таа посета беше во сосема друг контекст – за да го поздрават Охридскиот договор. Сегашната посета треба да стави печат на сè поизвесното членство на Република Северна Македонија со Северноатлантскиот сојуз. Северноатлантскиот совет е највисокото тело, централата на НАТО, во кое има претставници на 29-те земји членки, кои се на ранг на амбасадори. Тие ќе имаат низа состаноци со државниот врв, на кои главна тема ќе биде НАТО-интеграцијата, активностите што треба да ги направиме и резултатите што треба да ги постигнеме до конечниот прием во НАТО, рече советникот Талески.

Тој тврди дека Македонија има одлични резултати на полето на бараните реформи не само во политичкиот туку и во воениот дел и дека добро напредува ратификацијата на протоколот за нашето членство во НАТО. Досега 13 членки го ратификувале протоколот, а процедурата ја почнале и сите други.

-Секоја земја членка има разни начини за ратификација на протоколот. Некаде тоа го прави владата, некаде собранието. Некаде собранијата се во два дома, па подолга е процедурата, а во монархиите, пак, се чека и на потпис од кралот. Тоа се процедури што мора се почитуваат и не можеме да кажеме колку време би траеле, но очекуваме до декември или во првите месеци од следната година да станеме полноправна членка на НАТО. Би било идеално да завршат ратификациите до декември кога се планира самитот на НАТО во Лондон, кога ќе се слави 70-годишнината од формирањето на алијансата, да го прославиме и нашето членство, вели советникот Талески.

Освен ратификација на протоколот за членство на земјата во НАТО кај сите земји членки, се очекува и дополнување на вашингтонскиот договор. Тоа е оригиналниот договор за формирање на НАТО, каде што Македонија треба да биде вметната како 30-та земја членка.