За неколку седмици имате референдум за договорот за името. Ги охрабрувам гласачите да се појават во голем број, ова е прилика која се јавува еднаш во животот – да станете членка на меѓународната заедница со сите придобовки кои тоа ги носи со себе, истакна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Посочи оти вратата на НАТО е отворена, членството е на дофат и е можност да се зајакне мирот и стабилноста, како во земјата така и во регионот, и како што рече, „да се добие место и еднаков глас на масата на НАТО да се пристапи кон најсупешниот сојуз во историјата“.

– На Самитот на НАТО во јули Алијансата ве покани да започнете разговори за пристапување по решавањето на прашањето за името со Грција. Компромисот не е лесен никогаш, но двете страни направија компромис за една посветла иднина, изјави Столтенберг.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Столтенберг рече дека НАТО ги чува безбедни една милијарда луѓе во светот, и оти безбедноста носи и економски просперитет.

Изрази благодарност за придонесот на Македонија кон операциите и мисиите на НАТО.

– Сакаме да ја видиме вашата земја како успешна. Само народот на оваа земја треба да одлучи да го изоди овој пат – вашата иднина е во ваши раце додека ние ве чекаме во НАТО, рече Столтенберг.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Заев, од своја страна, нагласи дека поканата влијае за внатрешната кохезија и Македонија ја промовира како пример на Западен Балкан за силно лидерство.

Посочи дека Владата подготвува план за имплементација на реформите во согласност со програмата на НАТО со посебен акцент на владеење на правото.

Фото: Маја Илиевска-Јанева

НАТО и ЕУ се стратешка определба на Македонија од тоа нема отстапување, рече Заев.

– Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. Сега сме на историски крстопат за нашата иднина и убеден сум дека граѓаните ќе ги препознаат перспективите за нашата земја, изјави Заев.

Истакна дека убеден оти референдумот ќе биде успешен и ќе се постигне потребниот цензус. Уште еднаш повика сите во Македонија да застанат заедно за исполнување на стратешкиет интереси на земјата.