Бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софиски „24 часа“ истакна дека Бугарија вложила многу напори за воспоставување на дијалог на сите нивоа со Македонија и за постигнување на договори кои ќе послужат како основа за продолжување на преговарачкиот процес со Скопје, како и кон остварување на заедничката цел – Македонија да почне преговори за членство во ЕУ.

Тој ја наведе резолуцијата усвоена во македонското собрание како предизвик во билатералната агенда помеѓу двете држави, кој би можел да го стесни полето за компромис.

Стоев нагласи дека се потребни решителна волја и одговорност за надминување на проблемите наследени од минатото, како и дека актуелните проблеми помеѓу Македонија и Бугарија треба да се решат на билатерлна основа, со што смета дека не е неопходна „интервенција“ на останатите земји-членки на ЕУ.

Бугарскиот министер се осврна и на, како што вели, проблемите што граѓаните со бугарска самосвест ги доживуваат во Македонија, навдувајќи оти тие стануваат жртви на нееднаков третман.