Во својата анализа академик Коцарев се осврнува на значењето на науката за државата и општеството, правејќи паралели со вложувањата во науката во светот и кај нас. Одговорноста за запоставувањето и маргинализирањето на науката во Македонија, тој ја лоцира на повеќе нивоа, нагласувајќи дека се надева дека конечно ќе најдеме сили наместо партиските и личните интереси, науката да биде „вистинскиот водич“ за нашата иднина

„Науката преставува вистински водич на цивилизацијата, животот и успехот во светот; да се бара друг водич освен науката е апсурд, незнаење и ерес“ – се зборови што му се припишуваат на Мустафа Кемал Ататурк. Така, суштината на тие зборови е прифатена како патоказ за начинот на организирање на современото општество во секоја високоразвиена земја. Но, наспроти тоа, науката во нашата држава во изминатите 30 години е целосно маргинализирана, па оттука, всушност, произлегува дека властодршците немаат знаење и/или желба во Македонија да има благосостојба и општествен развој. Во прилог на овие искази би запрашал: Колку државите вложуваат во науката? Меѓутоа, едноставниот одговор изразен во проценти од БДП на државата не ја одразува вистинската слика. Па, затоа, денешнава колумна ќе ја започнам со давање одговор на следниве две прашања: Дали државите поддржуваат истражувачки институти и капацитети надвор од универзитетите? Ако одговорот на ова прашање е потврден, како тие ги финансираат и организираат истражувачките институти и капацитети?

Во повеќето (поточно, речиси во сите) земји во Европа (но и на другите континенти) надвор од универзитетите постојат истражувачки институции со голем број вработени и огромни буџети за наука, чие финансирање и организација се имплементираат на различен начин. Тука би го издвоил примерот со Германија, каде што четири научни друштва/здруженија („Макс Планк“, „Хелмхолц“, „Лајбниц“ и „Фраунхофер“) обединуваат 275 истражувачки институти и капацитети во Германија, вработуваат околу 116.000 лица и имаат вкупен буџет од приближно 12 милијарди евра.

Во споредба со Германија, што мислите, колку во Македонија, надвор од универзитетите, има научни институции? Одговорот сите го знаме, нивниот број е мал, со вработени и буџети занемарливо мали во однос на соодветните бројки во Германија. А доколку се земе предвид соодносот на бројот на жителите и буџетите на двете земји, тогаш, по примерот на Германија, во Македонија, надвор од универзитетите, треба да има научни институции со 2.800 вработени и со вкупен буџет од околу 100 милиони евра.

Да отидеме и чекор понатаму со претходно започнатата анализа, што би значело организирање на вработените во независни институти, кои иако соработуваат со универзитетите, не се дел од нив. Притоа, од вкупниот број вработени, околу 1.700 треба да се истражувачи, од кои 40 треба да се и професори на некои од универзитетите на Македонија, помал дел од нив треба да се истражувачи сениори вработени на неопределен време, други да се водачи на тимови (вработени на определено време), студенти и посетители, а 1.100 треба да се технички лица (кои работат во лабораториите) и администрација.

Во изминатите 30 години, за жал, би можел да издвојам само етапи на уништување на македонската наука. Уште попогубно, ако се гледа од поширок агол, Македонија се карактеризира со повеќе етапи на уништување не само на македонската наука туку и на македонското образование, македонското здравство, македонската мисла и интелигенција, македонската економија. Паралелно со тоа и по првобитната акумулација на капиталот, катадневно сме сведоци на постојан криминал и грабеж, што доведе до сѐ поголемо осиромашување на народот во Македонија, па, така, изјавите од типот „расте просечната плата“ се бесмислени – на сите ни е јасно дека Македонија тоне.

Во однос на пропаѓањето на образованието и науката, се разбира доколку треба да сме искрени, не би згрешил кога би кажал – за тоа сме делумно виновни и ние, професорите. Дел од професорите, најчесто тоа се професори без научен кредибилитет, но со јавни функции (министри, ректори) и членство во врвни институции, заборавија на зборовите од студентската химна: „Нека вистината расте/ Нека братството процвета/ Нека напредува татковината!/ Нека цвета Универзитетот/ Кој нас нѐ едуцираше!“, па тие станаа провладини апологети, колумнисти што шират лажни и пристрасни информации.

Но, сепак, главната вина се наоѓа во властодршците и во нивните политички пазарења, неспособност, сервилност и неукост. Она што во последните две години се случува со нашето образование и наука под водство на властодршците, неколкутемина квазиедукатори и дел од невладиниот сектор е – застрашувачко. Поради тоа, Македонија веќе одамна го достигна дното на дното, а последиците, без сомнеж, ќе бидат немерливи за нашите деца и нашата иднина.

Би сакал, заради споредба со други установи од областа во однос на финансискиот и работниот потенцијал, да проговорам, сосема накратко, за установата што во моментов ја водам. МАНУ е исклучително мала установа, но со врвна научна и уметничка активност. Буџетот на МАНУ за 2021 година изнесува 3 милиони евра, од кој само околу половина, односно 54 проценти се буџетски средства финансирани од основниот државен буџет, а дури 46 проценти се буџетски средства финансирани од странски и домашни извори за вршење фундаментални и применети истражувања. Тука, пред сѐ, би подвлекол дека, за разлика од МАНУ, што/која речиси половина од институционалното финансирање го покрива самостојно, со вршење фундаментални и применети истражувања, други субјекти од областа, на пример, здружението „Хелмхолц“ – најголемата германска научна организација (со повеќе од 43.000 вработени во вкупно 18 истражувачки центри) има вкупен годишен буџет од 5 милијарди евра, при што околу 70 проценти се буџетски средства финансирани од државниот буџет.

МАНУ денес ја сочинуваат 35 члена во работен состав, од кои 29 академици и 6 дописни членови, а вкупниот број на вработени во МАНУ изнесува 69, при што 30 се научни соработници (делумно финансирани од буџетот на државата), 30 се стручни и административни соработници и 9 се технички и помошни работници. За споредба, во Бугарската академија на науките работат околу 3.000 научни работници, 100 пати повеќе од научните соработници во МАНУ, иако бројот на жители во Бугарија е само 4 пати поголем од оној на Македонија.

Секоја година МАНУ спроведува обемна и импозантна научна и уметничка дејност. Тековно, во МАНУ се реализираат голем број проекти финансирани од странски извори. Моментно, проектите се финансирани од ЕУ-програмата „Хоризонт 2020“ (2 проекта),германската влада (Германската фондација за истражување), американската влада (Националниот институт за здравство на Америка), британската влада, УНДП, фондовите ПОНД и ЦЕПФ (фондови за заштита на екосистемите), Алцхајмеровата асоцијација од САД и од голем број странски приватни агенции и фирми.

Покрај тоа, во 2020 година, и издавачката дејност на МАНУ е богата и импресивна: 37 изданија – 15 периодични и 22 посебни изданија, коишто содржат вкупно околу 11.000 страници, и еден патент одобрен во САД и во ЕУ, во којшто се предлагаат методи за контрола на батерии и електрични кола за складирање на енергијата во енергетските мрежи. Тука би сакал да издвојам и дека во 2020 година, тројца членови на МАНУ се прогласени за 2 проценти највлијателни, најцитирани и водечки научници на планетарно ниво од страна на универзитетот „Стенфорд“ за 2020 година. Сета ова зборува дека МАНУ има исклучителна репутација во научниот свет на глобално ниво.

Сите индикатори за коишто зборував погоре покажуваат дека науката во Македонија е навистина запоставена и маргинализирана. Така, што се однесува до предизвиците во Македонија поврзани со научните истражувања, мислам дека е дојдено време науката во Македонија да го заземе местото што нејзе ѝ припаѓа во секое општество. Постојат примери на научни откритија што се направени во сон. Во „Расправа за методите“ (1637), Рене Декарт истакнува дека сонот во 1619 година ги постави „темелите на една чудесна наука“ (тоа што подоцна ќе стане основа на природните науки).

Димитриј Менделеев, со сонот во 1869 година, доаѓа до периодичниот систем на елементите. Сонот за куќата, на Карл Јунг му ја донесе идејата за „колективното несвесно“, еден од најважните концепти за модерната теорија на сонот. За време на неговото патување во САД, со неговиот ментор Сигмунд Фројд, во 1909 година, Јунг сонувал дека се движи надолу, низ последователните катови на една куќа. Јунг не се сомнева дека куќата ја симболизира неговата психа. Колку подлабоко оди толку повеќе копа под своето индивидуално јас и е поблиску до нештото „од потполно безлична природа што лежи во основата на таа психа“.

Македонија, за жал, е дистопија (непосакувано, застрашувачко општество). Поради тоа, се надевам дека конечно ќе најдеме сили наместо партиските и личните интереси, науката да биде „вистинскиот водич“ за нашата иднина. Очекувам дека еднаш засекогаш ќе ги напуштиме небулозните тековни реформи во образованието и ќе пристапиме кон вистински развој на науката и образованието. Што мислите, каде ќе беше Македонија во нејзиниот економски и општествен развој ако буџетот на МОН од околу 400 милиони евра изнесува 520 милиони евра: 100 милиони евра за потребите на истражувачки институти надвор од универзитетите и 20 милиони евра за научноистражувачки фонд. Посакувам оваа колумна да не остане непрочитан текст, неостварен сон, туку благородна подбуда и водилка кон иднината. Тоа е потребно заради иднината на Македонија и благосостојба на нејзините жители. Во тој случај, Македонија ќе има реални изгледи, по мое мислење, да го спречи драматичното иселување, „исчезнување“ на населението, и да стане достоинствено место за живеење.