Во заедничко писмо испратено попладнево до земјите членки на ЕУ, актуелниот претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск, новоименуваната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, бараат отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ за Македонија и Албанија.

Тие потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука во октомври.

– Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Целите бараа значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност – се наведува во писмото на челниците на европските институции.

Тие сепак нагласуваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека ќе биде потребен голем реформски напор за двете земји да станат полноправни членки.

– Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји – се додава во писмото.