Со донесувањето на Законот за продажба на станови од поранешниот фонд на ЈНА и оформувањето на Комисијата во Министерството за транспорт и врски, исполнети се условите за семејствата на припадниците на Армијата кои живеат во станови од фондот на поранешната ЈНА, после три децении неизвесност, конечно да ги откупат овие станови и да бидат „свои на своето“, информираше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната прес-конференција заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– Oва е една од темите која што ја отвори Генералштабот и многу припадници на Армијата кои што работат во Министерството за одбрана уште во 2018 година. На тој состанок можев да видам дека нашите сегашни вработени во Министерството и некои поранешни пензионери веќе беа уморни од нереализираните ветувања дека ова прашање ќе се реши. Еден период им било ветувано дека ќе можат да ги откупат становите, еден период им било ветувано дека ќе добијат стан во рамките на т.н. проект, АРМ – мој вистински дом, но годините минувале, а ова прашање никогаш не е решено. Од тој момент започнавме навистина да комуницираме со сите институции кои што се повикани, а соработувавме и со Собранието на Република Северна Македонија. Навистина постапуваме по сите правила и го изодевме дури и потешкиот пат заради тоа што сметавме дека мора да бидеме одлучни да го решиме проблемот и заради таа решеност успеавме најпосле да го решиме проблемот – рече министерката Шекеринска.

Шекеринска рече дека како и останатите припадници на Армијата кои добиваат станбен надоместок од над 8.000 денари месечно, сега и лицата кои користат ваков тип на станови ќе бидат обезбедени и сигурни. Министерката ги повика сите корисници на вакви станови да поднесат барање до Комисијата најдоцна до 15 јануари следната година.

– Денешната прес-конференција е со цел да ги повикаме сите старешини, војници, сите лица од Министерството и од Армијата кои добиле претходно вакви станови од станбениот фонд на поранешната ЈНА да поднесат барање за откуп на становите до Комисијата која веќе е формирана, тоа да го направат во рок од 6 месеци од моментот кога беше донесен Законот, што значи до 15 јануари и да го решат проблемот кој очигледно за многу претходни раководства и многу претходни влади само изгледал нерешлив, бил решлив, можело да биде решен, ама постојано се одлагал. Одбраната навистина се промени, Армијата навистина се промени и тоа се промени на подобро. Грижата за сите наши сегашни и пензионирани вработени кои не ги заборавивме во овој Закон, навистина е наш врвен приоритет. Не можете да очекувате дека луѓето кои се во Армијата или во одбраната ќе бидат тука кога државата е во криза, кога имаат потреба да ја бранат, а во меѓу периодот да заборавате на нивните потреби – порача министерката Шекеринска.

Министерот Бочварски го образложи процесот на поднесување на Барање и кои сè документи се потребни при аплицирањето и додаде дека Министерството за транспорт и врски покажа силна посветеност кон грижата за сите граѓани.

– Подеднакво водиме грижа за сите граѓани и за сите категории на граѓани во нашата држава. Покажуваме дека секој е важен, дека ги слушаме проблемите и дека наоѓаме решенија со силна институционална соработка со цел уште еден проблем кој што го имале дел од нашите граѓани да им биде надминат и решен – рече министерот Бочварски.

Потполковникот Тони Јаневски, корисник на еден од овие станови во име на сите засегнати корисници на станови од поранешниот фонд на ЈНА упати благодарност до министерката за личното залагање и решеноста овој проблем да се надмине, како и благодарност до сите останати институции вклучени во изработката и донесувањето на овој исклучително важен закон.

– И покрај тоа што како припадници на Армијата сме оптимисти, полека низ годините го губевме оптимизмот дека овој проблем ќе биде решен. Со меѓу-институционална соработка и координација успеа да се дојде до законското решени кое го имаме пред нас и кое ми дава за право да кажам дека секој поединец, секој од нас е подеднакво важен за Министерството за одбрана и за Армијата – рече потполковникот Јаневски.