Борче Стамов од Иницијативниот одбор за одржување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ вели дека нивната поддршка се зголемува од ден во ден.

Тој истакна дека на претстојниот вонреден конгрес на 28 март во Скопје очекуваат поголема посетеност од конгресот во Валандово, кога за лидер беше избран Христијан Мицкоски.

– 367 делегати во Валандово го дадоа својот глас за Мицкоски и заслужуваат да слушнат од него дали е задоволен од тоа каде партијата се движи. 17 вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток – рече Стамов.

Тој порача дека заинтересираните за лидерското место треба да подготват програма со која ќе настапат пред делегатите.

Мотото под кое ќе се одржи вонредниот конгрес е „Сплотени кон победа“.

– Без силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се надеваме на силна и обединета Македонија. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е на висина на името што го носи, тоа се одразува на државата. На ВМРО-ДПМНЕ му треба будење и соочување со реалноста, нова енергија која ќе го одведе во нови победи. Нема искрен член на ВМРО-ДПМНЕ кој не е загрижен за правецот во кој се движи партијата – вели Стамов.