Претседателот Стево Пендаровски во рамките на Парискиот мировен форум оствари билатерални средби со сојузната канцеларка на Република Австрија, Бригит Биерлејн, со заменик-претседателот на Народна Република Кина, Ванг Кишан, и со министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

На средбата со австриската сојузна канцеларка Бригит Биерлејн, Пендаровски се заблагодари за безрезервната поддршка и солидарност на австриската влада за европската интеграција на Македонија. На средбата беше нагласена потребата од засилена комуникација меѓу двете држави во пресрет на очекувањата за позитивна одлука за датум за почнување на претпристапните преговори за членство во ЕУ.

Во разговорот со заменик-претседателот на Народна Република Кина, Ванг Кишан, претседателот Пендаровски истакна дека јакнењето на партнерството со Кина е во интерес на нашата надворешна политика и изрази поддршка на конкретните иницијативи што произлегуваат од процесот на соработка меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа 17+1, како и вклучување на Македонија во инфраструктурните проекти, кои произлегуваат од „патот на свилата“, што отвора сериозна перспектива за нови инвестиции и јакнење на економијата на нашата земја.

На средбата со рускиот министер за надворешни работи, Лавров, претседателот Пендаровски ја реафирмира долгорочната стратешка определба на Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ, притоа на продлабочена соработка со Руската Федерација на теми од заеднички интерес. Претседателот Пендаровски ја поздрави претстојната седница на Мешовитата владина комисија за трговско-економска соработка во Охрид, со цел реализација на многубројни активности во насока на интензивирање на соработката меѓу двете држави на економски план.