На вториот ден од работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на маргините од министерскиот состанок на НАТО, до сега, оствари повеќе билатерални средби со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, министерите за надворешни работи на Унгарија, на Кралството Холандија и на Грузија, Петер Сијарто, Стеф Блок и Давид Залкалиани, соопшти МНР.

Како што се наведува во соопштението од МНР, на средбата со грчкиот колега Катругалос станало збор за процесите и правните чекори кои следат во врска со пристапниот протокол за членство во НАТО на Република Македонија. Од двете страни била истакната цврстата волја за имплементирање на Договорот од Преспа.

За време на билатералната средба со унгарскиот колега Сијарто, се наведува, Димитров истакна дека случајот со бегството и добивањето азил на поранешниот премиер Груевски, е предизвик за билатералните односи меѓу Република Македонија и Унгарија, кој го третираме со голема внимателност и во согласност со принципите на владеење на правото кон кои Македонија се стреми, а да се остане посветен на патот кон одржување на односите меѓу двете земји.

-Ќе ги искористиме сите правни можности за негово соочување со правдата во Македонија, истакнал Димитров. Сијарто, пак, ја повторил поддршката на Унгарија за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Со шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, кој, се наведува, честиташе за завршувањето на втората фаза за уставните измени, станало збор за реформите во областа на владеењето на правото. Министерот Димитров посочил дека „нашата цел е да не оставиме никаков сомнеж меѓу земјите членки дека заслужуваме почеток на пристапни преговори со Европската унија.“

Со министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани, се разговарало за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

Димитров треба да оствари билатерални средби и со своите хомолози од Романија, Норвешка, Литванија и Турција.

На последниот ден од работната посета на Брисел, во рамките на НАТО, Димитров ќе учествува на министерскиот состанок на Северно-Атлантскиот Совет со земјите контрибутори во мисијата Решителна поддршка во Авганистан. Во рамките на ЕУ, Димитров ќе се сретне со високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.