Лидерите на СДСМ, ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев, Али Ахмети и Христијан Мицкоски ќе одржат одделни средби за формрањето на техничка влада од 3 јануари. Првата средба ќе се одржи во 16 часот во Собранието меѓу Мицкоски и Ахмети. Потоа, во 17 часот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во владата ќе разговара со премиерот Заев.

Според Пржинскиот договор, партиите од власта и од опозицијата треба да се договарат околу кадровските решенија за техничката влада.

Заев најави дека на трети јануари ќе ја депонира својата оставка, по што му се отстапува место на техничкиот премиер да ја достави листата на министри за формирање на техничка влада.

Централниот одбор на СДСМ вчера одлучи потпретседателот на владеачката партија и актуелен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски од 3 јануари да биде технички премиер. Тој оваа должност ќе ја извршува 100 дена, до 12 април кога треба да се одржат парламентарните избори. Мила Царовска е предложена како вицепремиерка за економски прашања.

За заменик министер за внатрешни работи во техничката влада СДСМ ја предлага Славјанка Петровска, досегашен шеф на кабинетот на министерот Спасовски. Дополнителен заменик министер за труд и социјална политика е избрана Санела Шкриељ, која беше шеф на кабинетот на министерката Царовска.