Претседателот Стево Пендаровски се сретна со претставници од Комората на извршителите, а на средбата присуствуваше и министерката за правда, Рената Дескоска.

На средбата се разговараше за предложените измени на Законот за извршувањето, како и за предлозите за посебно законско решение за ограничување на максималниот износ на каматите во однос на главнината на долгот, за воведување на институтот личен банкрот и за рокот на застареност на побарувањата, особено воведување апсолутен рок на застареност.

Претставниците на Комората на извршителите на средбата истакнаа дека се задоволни од законските измени, кои предвидуваат отпис на два вида долгови, односно долгови на граѓаните кон јавните претпријатија, како и отпис на долговите на ЈП кон државните органи. Но, нагласија дека сите законски измени не смеат да бидат на штета на извршувањето како важен сегмент на функционирањето на правната држава.

Претседателот Пендаровски, од своја страна, го повтори својот став дека секое законско решение треба да биде исклучиво во интерес на граѓаните на Македонија.