Соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Италијанската Република е на високо професионално ниво, со брза, калитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија и оваа соработка постојано се подобрува и се одвива во духот на традиционалните пријателски односи меѓу двете земји, потенцираа на денешната средба во Скопје министрите Оливер Спасовски и Лучана Ламорџезе.

Министерот Спасовски и се заблагодари на министерката Ламорџезе и за нејзиното учество на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа во рамки на претседавањето на Република Македонија.

Досегашната соработка помеѓу двете полиции се одвива во повеќе области, како што се унапредувањето и поддршката преку разни видови на едукација, обуки, студиски посети и работилници, потоа координација на проекти финансирани од ЕУ за поддршка и развој на институционалните капацитети во борбата против организиран криминал и корупција, оперативната соработка во областите на недозволена трговија со дрога, тероризмот, радикалниот екстремизам, финансиски криминал и корупција, корупција во спортот, илегалната миграција, недозволената трговија со културни добра итн.

Министерот Спасовски потенцира дека една од клучните активности во борбата против актуелните безбедносни предизвици претставува напредокот во реализирање на меѓународната соработка и зголемената размена на информации, која покрај преку веќе воспоставените канали за размена на информации како што се Европол, е овозможена и преку членување во меѓународните организации, иницијативи, договори, конвенции. Поддршката од страна на италијанските институции, рече Спасовски, и понатаму ќе биде од големо значење особено во полето на борба против организираниот криминал и корупцијата, кои се врвен стратешки приоритет на владите од земјите на Западен Балкан.

Министерката Ламорџезе изрази подготвеност за дополнително продлабочување на соработката, а ја потенцира и поддршката што Италија ја дава на Република Македонија за почеток на преговорите со ЕУ. Во склоп на поддршката за Република Македонија е и донацијата од 250.380 вакцини „фајзер“ кои ќе бидат донирани од Италија. Министерката Ламорџезе го покани министерот Спасовски да го посети Рим и во таа прилика да биде потпишан Меморандумот за соработка во борбата против трговија со дрога.