Шефот на македонската и на грчката дипломатија, Никола Димитров и Јоргос Катругалос, иако беше најавувано за вчера, сепак денеска ќе остварат средба на маргините на економскиот форум што се одржува во Делфи, Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на дипломатски извори, вчера објави дека фокусот на средбата на Димитров- Катругалос ќе биде ставен на имплементација на Договорот од Преспа како и на техничките и практичните проблеми што секојдневно се појавуваат од спроведувањето.

На првиот ден од учеството на економскиот форум, министерот за надворешни работи имаше свое обраќање, а одржа и билатерални средби.

Во говорот рече: „можеме да бидеме горди на она што го постигнавме денес и светот да вели дека добрите вести доаѓаат од Балканот и дека нема ништо поприродно од тоа нашите две земји да бидат пријатели, да бидат блиску, да ја отворат иднината“.

Димитров говореше за иднината, но и за она што е направено, за како што рече, она што го постигнавме и зошто го избравме најтешкиот пат, бидејќи полесниот пат беше да не се допира ништо.

На пленарната сесија, освен министерот за надворешни работи на Северна Македонија, говори одржаа шефот на кипарската дипломатија, Никос Христодулидис, вицепремиерката на Романија, Ана Бирчал, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Во текот на вчерашниот ден Никола Димитров, во рамките на економскиот форум, се сретна со заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер и со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат и разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелни прашања и предизвици од регионот, а оствари средба и со лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис.

-Ако имавме повеќе политичари кои повеќе размислуваат за следните генерации, а помалку за следните избори, светот ќе беше многу подобро место – напиша шефот на македонска дипломатија, Никола Димитров на неговиот официјален Твитер профил по средбата со Теодоракис.

-Во Делфи имав средба со Никола Димитров. Заедно направивме еден прв чекор, му реков, но, треба да се направат уште многу, и од ваша страна, за веќе да не постои сомнеж во нашите односи. Почувствував дека ме разбира – напиша Теодоракис на неговиот официјален Твитер профил.

Од партијата Река соопштија дека средбата на маргините на економскиот форум во Делфи била по иницијатива на Димитров, кој, како што му рекол на Теодораксис, сакал да го запознае човекот кој иако има многу различни позиции со владата на СИРИЗА имаше храброст да го поддржи Договорот од Преспа.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров е првиот претставник на високо ниво од нашата земја кој учествува на форумот, што оваа година се одржува четврти пат, а чија цел е преку обединување на светските лидери да го продлабочи разбирањето на прашањата и предизвиците кои влијаат на глобалната заедница, Европската унија, поширокиот медитерански регион, како и на Југоисточна Европа.