Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Виорел Станила, амбасадор на Романија во нашата држава, кој го завршува својот мандат.

На средбата се поздравени политиките на премиерот Заев и на Владата на меѓународен план, на домашен план и во областа на економијата, со констатација дека се постигнати значителни резултати во напредокот на државава и во подобрување на животот на граѓаните.

Најавено е дека Романија ќе продолжи да ја поддржува нашата држава во евроинтеграциите.

Премиерот Заев се заблагодари на романската Влада и на амбасадорот Станила лично, за искреното пријателство и за помошта на принципиелно ниво во демократските и евроатлантските процеси на нашата држава.

– Посветени сме силно кон поддршката на граѓаните и фирмите погодени од здравствено-економската криза и преку синоќа утврдениот ребаланс на Буџетот, којшто оди на усвојување во Парламентот. Свесни сме, како Влада и како држава, дека отворањето на преговорите со ЕУ носи неповторлив период пред нас да го подобриме животниот стандард на граѓаните и да ги примениме европските вредности дома и ќе продолжиме со нашите искрени, внимателни и мудри политики коишто ја движат државата напред – рече Заев.

На состанокот се изразени заеднички определби за натамошен развој на билатералните односи помеѓу двете држави, како и во рамките на заедничкото членство во НАТО, соопшти Владата.