Фото: Маја Јаневска-Илиева

Некои од пратениците забораваа да ги стават заштитните маски при влезот во Собранието или пак ги носеа спуштени под брадата, додека собраниските служби ја бришеа говорницата со средство за дезинфекција по секое обраќање на говорниците, на денешната 44-та седница за пратенички прашања што се одржува во пленарната сала „Македонија“.

Новинарите, пак, смеат да присуствуваат на галеријата само со покажување сертификат за завршена вакцинација. Ова е дел од воспоставениот протокол за првата седница за пратенички прашања во салата „Македонија“ на која заедно учествуваат министрите во Владата и пратениците од избивањето на пандемијата.

Седницата за поставување пратенички прашања вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот. Предност за поставување прашања до премиерот и до министрите имаат опозициските народни избраници.