Фото: Маја Јаневска-Илиева

Справувањето со сивата економија, како нелојалната конкуренција на „здравите компании“ што редовно во согласност со закон ги исполнуваат своите обврски кон државата, мора да е врвен приоритет на државата, пред какви било реформи на даночниот систем, порачуваат стопанствениците

Можно е прогресивниот данок повторно да се врати во игра, по препораките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) државите да размислат за воведување повисок данок за побогатите фирми, со намера побрзо да закрепнат економиите и да има побрз економски раст. Владата долго време го ветуваше прогресивниот данок и од почетокот на 2019 година го укина рамниот данок, па воведе прогресивен данок на доход. По неполна година примена, Владата го стави во мирување бидејќи тој не ги дал посакуваните резултати. Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека ќе има даночна реформа и дека се бара начин за поефикасен, правичен и модерен даночен систем. Според дел од економистите, треба да се внимава и ако промената е преголема со прогресивниот данок може да се направи штета во економијата, но сепак, доколку е умерена, како што беше во 2019 година и во другите земји од Источна Европа од изминатите години, нема причини за стравување.
– Прашањето за зголемување на даноците на начин што ќе бидат оданочени сегментите што се подоходовни е особено важно прашање и насока во која ќе треба да се движиме по стабилизацијата на здравствената состојба и на економијата – нагласува универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Како што вели тој, во текот на кризата, попогодени беа понискодоходовните слоеви, за разлика од повисокодоходовните, кои изгубија сосема незначителен дел од својот доход, така што кај најнискиот слој изгубен е доход, пред интервенцијата до мерките на државата, во обем од 30 до 50 отсто, додека кај највисоките се изгубени од 1 до 3 отсто.

– За волја на вистината, антиковид-мерките беа дизајнирани да доделат повеќе средства кон ниските слоеви, кои губеа поголем дел од доходот. Но што е важно во намерата да се воведе повторно прогресивно оданочување? Прво, важно е да се покажат волја и конкретни чекори од Владата за реструктурирање на буџетот во насока на елиминирање секакви непродуктивни трошења, а да не зборувам за трошења што на јавноста ѝ личат дека содржат елементи на разни злоупотреби. Второ, важно е да се покажат резултати во борбата со сивата економија. Податоците не се унисони и процентот на сивата во формалната економија се оценува од 20 до 40 отсто. Дури и да е 20 отсто, тоа е премногу и таму лежи голема неоданочена даночна база – објаснува Петрески.
Од друга страна, тој смета дека потенцијалот на прогресивното оданочување на доходот е многу ограничен, бидејќи Македонија е сиромашна земја, што јасно се виде и во неуспешниот обид во 2019 кога од прогресивен данок беа собрани околу 20 милиони евра.
– Во таа смисла, мора точно да се согледа профилот на нееднаквоста во доходот, особено во поглед на видот – доход од труд или од капитал. Фокусирањето врз доходот од трудот би било сосем погрешно и носи ризик повторно да резултира со даночни одбегнувања, како префрлање на доходите во соседните земји, кои имаат поповолни даночни структури. Оттука, како трето, и многу важно пред да се воведе прогресивен данок на доход, би ја истакнал потребата да се дебатира и да се постигне висок консензус за ова прашање, како индикатор на доверба на даночните обврзници во системот и вид на согласност за почитување на правилата на игра – истакна Петрески.
Економскиот аналитичар Здравко Савески, пак, смета дека повеќе од потребно е да се пристапи кон мерки за воведување прогресивно оданочување.

– Во Македонија, по воведувањето на рамниот данок дојде до енормна концентрација на богатството во мал број раце и тоа не доведе до некое значително зголемување на инвестициите и заживување на економијата. Мора да се воведе прогресивно оданочување не само на приходите туку и на добивката, да се воведе нова стапка на ДДВ со која ќе се оданочуваат луксузните стоки и да се оданочи богатството – истакнува Савески.
Тој вели дека ако продолжи досегашната политика нема да може да обезбеди доволно финансиски средства за закрепнување на економијата, спречување на масовна епидемија на сиромаштија во земјата и уште поголемо тонење во задолженост, со сите негативни ефекти по животниот стандард што ќе го донесе тоа.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека пред да се пристапи кон какви било промени во даноците и кон воведување нови даноци, неопходно е да се обезбеди секој да ја исполнува својата обврска и да го плаќа својот дел од данокот, според постојната регулатива.
– Неопходна е ефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување данок и зајакнат институционален капацитет. Справувањето со сивата економија, како нелојалната конкуренција на „здравите компании“ што редовно во согласност со закон ги исполнуваат своите обврски кон државата, мора да е врвен приоритет на државата, пред какви било реформи на системот – објаснуваат од СКМ.