Фото: Дарко Андоновски

Во пресрет на закажаниот референдум за крајот на месецот и претстојното изјаснување на граѓаните околу спогодбата од Нивици со Грција, домашната експертска јавност активно учествува. Професори, академици, јавни личности, македонски интелектуалци, мотивирани од, како што истакнуваат, „патриотски но и академски и интелектуален порив“ на граѓаните да им ја објаснат фактичката состојба во врска со спогодбата од Нивици, организираат различни форми на јавен настап и преку отворени јавни дискусии и објаснувања, чиј дискурс почива на научни постулати за најсуштествените прашања за земјава, нудат различни гледишта за проблемите што ја засегаат Македонија во овој момент.

По тој повод вчера во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје се одржа дебатна трибина насловена „Договорот меѓу Грција и ’втората страна’: Пандорина кутија или излез од лавиринот“, на која учествуваа повеќе професори и академици меѓу кои проф. д-р Ратко Дуев, проф. д-р Константин Миноски, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова како и доц. д-р Димитар Апасиев.

Имено, професорката по уставно право, Гордана Силјановска, рече дека е крајно време Уставниот суд на Република Македонија да собере сила и да каже дека прашањето за промена на името на референдумот е неуставно, нејасно и непрецизно. Силјановска исто така во своето излагање имаше конкретни забелешки за договорот што е потпишан со соседна Грција и за целокупниот повеќедецениски проблем помеѓу двете земји.

– Никаде во Преспанскиот договор не пишува што ќе се менува во преамбулата, никаде не пишува во што се состои промената на членовите 3 и 49. Роман од 20 страници не може да реши прашање какво што е ова за името. Уште во насловот се гледа дека наместо да се преговара за разликите за името, се преговара и се регулираат историјата, македонскиот идентитет, меморија, уставниот и политичкиот систем, културата. Во правото за ваквите договори велиме дека се октруирани односно наметнати решенија – рече Силјановска.

Според професорката, ниту македонската ниту пак грчката страна не се способни сами да најдат решение за проблемот за името, туку ова е спроведено од некоја голема надворешна сила, идентично со рамковниот и со Дејтонскиот договор.

– Кога ќе ги споредите решенијата со оние во рамковиниот и во Дејтонскиот договор ќе видите многу слични решенија затоа што креаторот е ист. Ова води кон бездушна држава затоа што странците се креаторите. Убедена сум дека еден ден ќе слушнеме кој е творец на овој договор, но јасно е дека грчкиот и македонскиот преговарач не се во хотлајн, тие и да сакале не би можеле да се договорат. Ова е уште еден глобализациски инструмент, кој нема намера да го реши измислениот проблем меѓу Македонија и Грција. Судбина ни било да сме на линијата на огнот – вели Силјановска.

– Идентитетските прашања не можат да бидат предмет на меѓународен договор, тоа е право на секоја нација па и на македонската. Придавката значи негирање на идентитетот. Тоа што се вели дека термините „Македонија“ и „македонски“ имаат значење врзано за сопствената сеанонимна историја апсолутно ништо не значи, до придавките е. Толкувањето за националноста Македонец/Државјанин на Република Северна Македонија е непознат феномен, ако се признава нешто тогаш треба да е како за сите, Грк, Французин – објасни Силјановска.

Говорејќи на истата тема професорот Димитар Апасиев вели дека има пет правни пречки за договорот за промена на името да стапи во сила. Според него, првата пречка е претседателот на државата, Уставниот суд, референдумот, уставните промени и грчкиот парламент. Апасиев додава дека „и да помине ратификацијата на договорот во македонското собрание следува суспензивно, а по повторено гласање за договорот во парламентот и таканареченото џебно вето“.

– Втората правна пречка е Уставниот суд, кој ќе го поништи договорот затоа што е спротивен на Уставот, а кој било меѓународен договор не е посилен од Уставот. Да се потсетиме, веќе постои и правен преседан од 2002 година кога Уставниот суд го поништи токму меѓународниот договор со Грција околу „Окта“. Третата пречка ќе биде референдумот. Тој не може да биде консултативен туку обврзувачки. Ако граѓаните на референдумот за независност во 1991 година „пресудија“ дека сакаат нивната земја да се вика Република Македонија, сега треба исто така на референдум „да пресудат“ за промена на името. А за тоа е потребен висок одзив – околу 900 илјади граѓани. Првпат се отвора можност да дојде до израз нашиот сеирџиски менталитет со седење дома нешто да се постигне – вели Апасиев.

Според професорот, четвртата спорна пречка е промена на Уставот во Собранието каде што за неа е потребно да се обезбеди двотретинско мнозинство, а тој не верува дека опозицијата би се осмелила да гласа за тоа.

– И последната пречка е грчкиот парламент, односно обврската за ратификација на договорот за кој, според грчките закони, треба да гласаат три петтини од пратениците, односно 180 од вкупно 300 пратеници. Тоа може да биде неизводливо, имајќи ја предвид изјавата на Панос Каменос од партијата Независни Грци, кои се против употребата на терминот „Македонија“ во името и кој рече дека нема да гласа за ратификација – заклучува професорот Димитар Апасиев.