Фото: Игор Бансколиев

Преспанскиот договор беше ратификуван од македонскиот и од грчкиот парламент, и покрај жестоката опозиција. Поздравен во меѓународната заедница поради означување на крајот на 28-годишниот период на изговори и интриги, тој отвора пат за приклучување на Северна Македонија во ЕУ и во НАТО, пишува ирски „Тајмс“ во колумната насловена „Спогодбата за името на Македонија создава повеќе проблеми, отколку што решава“.

Опозицијата во двете држави неминовно беше условена од сентименталност, обидувајќи се да го сочува застареното минато, бидејќи е неспособна да прифати компромис што би ја отворил вратата кон иднината. За Македонците, императивот за модернизација, согласно западните линии, претставуваше „и морков и стап“, слично како и во Грција, откако независноста на Македонија создаде превирања на Балканот.

Ефектот од Преспанскиот договор не е само давање на ново име на Македонија, ниту смирување на грчките стравови преку отстранување на иредентистичките клаузули од македонскиот Устав. Спогодбата, всушност, создава повеќе проблеми, отколку што решава.

Следните големи ерупции на Балканот ќе бидат Косово (етнички албанскиот полуавтономен регион во центарот на Балканот, кој можеби е, а можеби и не е дел од Србија, во зависност од тоа како ги гледате работите) и БиХ, каде што Србите, Хрватите и Бошњаците се препираат за подобра позиција. 

Турција, исто така, е играч во оваа игра, со декларираната амбиција на Реџеп Таип Ердоган за создавање на муслиманска заедница на Балканот. 

Овие прашања можеби не се од непосредна важност за Грција, но тие ја потенцираат ранливата состојба на границите, јазиците и различните култури во регионот во кој Грција неминовно е вкоренета, без разлика дали ќе ја бара својата иднина во ЕУ и на Западот.

Македонија останува поделена, исто како и многумина Грци, по прашањето дали сака или не сакаат да биде „западизирана“, што ќе значи и откажување од ценети елементи на нивниот идентитет. Како и со сите одлуки ориентирани кон иднината, прашањето „Колку од минатото сме подготвени да загубиме?“ има поголемо значење отколку чистата сентименталност.

Мигрантите и бегалците, како на пример, оние од Сирија и од Авганистан, одат во непознатото со ранец полн со спомени, како клуч за идентитетот од кој, инаку, би им останал тенок залог. Мигрантите во сопствените граници, исто така, се држат до сеќавањето втиснато во нивното колективно искуство за минатото. Балканот отсекогаш бил котел за претопување на идентитетите. 

Како државата се идентификува во меѓународната заедница, преку името, границите, културата, јазикот, нејзините врски со соседите, е клучно за нејзината способност за раскажување на сопствената приказна. Сите овие фактори се клучни во 28-годишниот македонско-грчки спор. Гласовите во двете држави го преставуваат прецртувањето на домашните и меѓународните мапи. 

Поради нејзината историја, Македонија е мултиетничка, со Словени, Албанци, Власи, Бугари и со Роми. Не помага што „етнос“ на грчки значи нација, а „етнички“ национално, поради опасноста дека националистите се подложни кон исклучување од нивната заедница на оние што не припаѓаат на нивната етничка група.

И Грците и Македонците се фаќаат за она што е необјасниво – што е тоа што ги прави Грци и што ги прави Македонци, бидејќи се негираат меѓусебе. Дефиницијата се толкува слободно и резултатот е поразителен за двете страни. Грција со децении негираше дека постои македонски јазик, чие постоење сега мораше да го прифати. Северна Македонија, за да го добие нејзиното ново име, мораше да се откаже од тврдењата дека има етнички Македонци кои живеат во границите на Грција. 

Еден од резултатите е постоењето на две Македонии – едната, република во развој, другата, во северниот грчки регион на Македонија, што го вклучува Солун, вториот по големина грчки град што е дел до Грција од периодот на прекројувањето на границите од 1912-1913 година. Згора, претседателот Ѓорге Иванов, одбива го потпише стапувањето на договорот на сила, па така тој е претседател на „држава што уште не постои и на која не сака да биде претседател“.

Двете страни научија дека не можете да ги испишете историските факти, но можете да го смените начинот на кој ги толкувате. Веднаш ми текнува на приказната за Англичанецот на железничка станица кој прашува зошто два часовници покажуваат различно време, на што шефот на станицата му одговорил „Каков би бил смисолот на два часовници, ако двата го покажуваат истото време?“.