За економијата, но и за Договорот од Преспа, од опозициската Нова демократија, упатуваат критики до Владата, во реакцијата за активностите на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Меѓународниот саем во Солун.

Портпаролката на најголемата грчка опозициска партија и европратеничка, Мариа Спираки, го повика Ципрас да распише избори „за народот да го поништи договорот“.

– Во однос на скопското прашање, наместо да прашува што ќе прави Нова демократија ако го ратификуваат договорот тој самиот и неговите партнери што му стојат на располагање, нека го стори она што се подразбира. Избори сега за граѓаните да го поништат договорот со гласањето, вели Мариа Спираки.

Од Нова демократија, претходно, коментирајќи ја прес-конференцијата на Ципрас рекоа дека тој „имаше храброст одново да го поддржи договорот кој на Скопје му отстапува „македонска националност“ и „македонски јазик“, а кој го отфрлаат мнозинството Грци.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од кабинетот на Ципрас ги коментираа ставовите на Нова демократија, а во однос на прашањето за името и Договорот од Преспа, го повторуваат она што вчера го кажа грчкиот премиер на прес-конференцијата, дека Мицотакис „нема храброст да каже дека ќе го поништи Договорот од Преспа“ и едно кажува во внатрешноста на земјата, а друго надвор.