Ве уверувам дека како влада ќе ги преземеме сите неопходни мерки, ќе имаме конекција со сите релевантни институции за организација на предвремените парламентарни избори. Апелирам до опозицијата, да се одважи и да биде дел од овој процес, да се тргнат сите флоскули на политиканство и да испорачаме резултати кои не смеат да бидат ни милиметар помалку од успешен изборен циклус – порача во експозето мандатарот на новата техничка влада, Оливер Спасовски, истакнувајќи дека во периодот којшто претстои ќе треба да се организираат фер и демократски избори.

Тој порача дека не треба да има застој на работата на владата и министерствата.

– Оваа Влада ќе ја има таа чест да го верификува членството во НАТО, а со тоа ќе го исполниме 20-годишнот стремеж на државата да стане дел од Алијансата. Реформите за влез во ЕУ мора да продолжат, да работиме заеднички кон таа стратешка цел. Исто така, треба да продолжат и реформите во првосуството, да се справиме со криминалот, корупцијата. Сите обврски ќе се реализираат во рамките на транспарентна и одговорна и отчетна влада. Ве уверувам дека како прв човек ќе ги вложам сите свои капацитети и знаења преодната влада да биде на ниво на задачата и да го исполни сето она што го започна Владата на Зоран Заев – истакна Спасовски.