ИЗЈАВИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЛИДЕРИ ДАДЕНИ ПО ГЛАСАЊЕТО

Како Влада покажавме дека навистина можеме и во вакви услови на пандемија, на сериозна здравствена криза, да се организираат фер, демократски, слободни избори и пред сѐ безбедни по здравјето и животот на граѓаните, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски откако го оствари гласачкото право во Куманово.

Спасовски, кој е носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата „Можеме“ во втората изборна единица, рече дека било важно граѓаните да гласаат на овие избори за да се одлучи патот на државата.

– И во услови на оваа пандемија е многу важно денеска граѓаните да излезат масовно на избори и слободно да ја изразат својата волја – да видиме врз основа на одлуката каде ќе се движи државата во наредниот период. Ова е сериозен предизвик, заради тоа што во вакви сериозни времиња и одговорноста на секој еден граѓанин е навистина голема, со цел да воспоставиме институции коишто се ефикасни, институции коишто се со полн легитимитет и ќе можат да носат одлуки во наредниот период за зачувувањето на здравјето, да носат одлуки за подобрување на економската состојба во државата – додаде Спасовски.


Заев: Граѓаните одлучуваат кој ќе води грижа за нивното здравје и ќе ги отвора поглавјата со ЕУ

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 4, Зоран Заев, по гласањето изјави дека очекува граѓаните преку својот глас да дадат правец за следните 4 години.

– Денеска во мојата Струмица го остварив своето право на глас, секако почитувајќи ги сите безбедносни протоколи со што го заштитив моето здравје, здравјето на избирачкиот одбор, а го исполнив и моето гласачко право и обврска. Државните институции навистина покажаа капацитет да организираат вака специфични избори со почитување на сите здравствени протоколи, што треба да биде сериозно охрабрување за граѓаните да излезат во максимален број и да дадат правец на државата, преку својот глас и својата определба за да продолжиме напред по патот по кој чекориме – рече Заев.

Додаде дека овие избори се поразлични од другите избори, но не се помалку важни. Со резултатот од овие избори, вели Заев, ќе знаеме на која позиција, како ќе успееме за следните 4 години, како ќе биде животот на граѓаните за 4 години.

– Од денешната одлука на граѓаните зависи кој ќе води грижа за нивното здравје, кој ќе ги отвора и затвора поглавјата со ЕУ, но уште поважно кој ќе се грижи за економскиот раст и развој на сите граѓани во Република Северна Македонија. Верувам дека преку нашата позитивна и промотивна кампања успеавме да ги осигуриме и убедиме граѓаните дека коалицијата предводена од СДСМ е таа што ја очекува најголемата поддршка. Голема е честа и одговорноста предавањето на гласот од граѓаните за следниот период којшто е пред нас, верувам дека таа чест иодговорност ќе ја употребиме максимално во интерес на граѓаните. Таа чест и одговорност, посебно во времето во коешто живееме, е неповторлива шанса бидејќи се отворени сите патишта за нашата земја. Нека ни е со среќа на сите, верувам дека денешниот ден ќе донесе заеднички успех на сите во државата – изјави Заев.


Мицкоски: Меѓу граѓаните може да се забележи дека се подготвени за голема промена

Денес е денот кога обновата победува. Народот масовно излегува на избирачките места и од она што можеме да го забележиме, она што се коментира помеѓу граѓаните, е дека се подготвени за една голема промена што ќе се случи токму денеска, рече лидертот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава дадена во општина Карпош по остварување на гласачкото право.

– Сакам да истакнам дека сето она што се случуваше изминатитве денови, многуте нерегуларности, ќе остават сериозна трага, што практично ќе биде еден вид дамка на овој изборен процес. На секој оној што има каква било дилема да им слугува на Зоран Заев и на ова раководство на СДСМ во нерегуларностите, му порачувам дека ќе сноси кривична одговорност и за тоа од утре особено ќе се внимава како измина денот, но и какви беа изминативе денови – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека неговата партија и коалицијата се надеваат на поголем одзив за да може, како што рече, да бидат оневозможени очајните обиди да се изигра волјата на граѓаните.


Ахмети: Победниците имаат историска одговорност да ги исполнат потребните услови за ЕУ

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети и носител на кандидатската листа во Шестата изборна единица го оствари своето гласачко право на избирачкото место 0816 во кичевско Зајас.

По гласањето Ахмети изјави дека посакува регуларен процес и да се почитуваат здравствените упатства, посочувајќи дека овие избори се многу битни ако се знае, како што рече, дека досега завршивме многу значајни процеси важни за регионот и за мирот воопшто.

– Се отвора нова страница на историјата на оваа земја, за зачленување во Европската Унија, при што победниците имаат историска одговорност да ги исполнат потребните услови за ЕУ. Ќе треба да се работи на подигање на стандардот за подобар живот, подобро образование и здравство. Значи, ќе има голема работа за да се исполнаат барањата и очекувањата на народот. Јас сум убеден дека во тоа ќе успееме. Се знае нашата платформа, очекувам победа во албанскиот кампус – изјави Ахмети.


Села: Народот сака промени

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, денеска гласаше во струшкото село Ливада.

По гласањето, тој истакна дека политичката партија на власт од албанскиот блок постојано правела притисоци во изминатите денови, а има и информации за многу нерегуларности, уцени, поткуп.

– Денеска, се обидуваат во некои изборни места да направат проблеми. Имаше еден инцидент, ме информираа во Велешта, треба да го прашате командирот на Полициската станица Струга да го пријави инцидентот, а не да го скрие – рече Села.

Тој додаде дека народот сака промена, никој не може да го спречи.

– Промената ќе дојде и граѓаните ќе бидат слободни – рече Села.