Премиерот Оливер Спасовски во своето обраќање на прес-конференција по повод утврдената Преговарачка рамка за преговори со ЕУ, заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, истакна дека со тоа е остварена успешно уште една многу важна етапа во процесот на пристапување.

– Со оваа одлука се потврдува дека нема отстапувања од процесот што е утврден. Поставени се рамките на патот што ја прават Северна Македонија уште поблиску до членство во Унијата. Интеграцијата на нашата земја во ЕУ го добива заслуженото забрзувањето за да се придружи кон семејството народи обединети околу европската идеја – нагласи Спасовски и додаде дека оваа доаѓа по одлуката на Европскиот Совет за почеток на преговорите од 26 март годинава.

Спасовски додаде дека во земјава ќе започне процес кој ќе помогне европските стандарди во сите области да ги оствариме и применуваме дома.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање нагласи дека Европската Комисија ја исполнила својата задача и врз основа на новата методологија предложила преговарачка рамка што е поконкретна, подинамична и поверодостојна.

– По усогласувањето на Преговарачката рамка и нејзино усвојување од страна на Советот, односно земјите-членки, следи првата меѓувладина конференција која што е првиот конкретен чекор и реформски дијалог меѓу Северна Македонија и Европската Унија. За ова е потребна влада со политички мандат – потенцираше Димитров.