Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан претставува јасна порака за европската перспектива на регионот на Западен Балкан, изјави  министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во свеченото обраќање на отворањето на Министерскиот Форум ЕУ – Западен Балкан, на министрите за внатрешни работи и за правда, во Собранието.

-Овој Министерски форум се одржува во исклучително важен период за Република Северна Македонија. Во изминатиот период решивме големи предизвици, чие решавање на сите им се чинеше невозможно. Успеавме, затоа што сите имавме силна мотивација – Европската перспектива за нашата држава и за нашите граѓани. И покрај сите препреки со кои се соочуваме на нашиот пат кон Европската Унија, сепак, земјата не отстапува од европскиот курс, од реформите, градењето на добрососедските односи и регионалната соработка – потенцираше Спасовски.

Министерски форум ЕУ-Западен Балкан се одржува под покровителство на финското претседавање со Советот на ЕУ, а на него учествуваат делегации од земјите на регионот (Република Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Хрцеговина, Црна Гора и Косово), а присуствуваат и еврокомесарите на ЕУ за внатрешни работи и миграции, Димитрис Аврамопулос и за правда – Вера Јоурова, потоа министрите за внатрешни работи и за правда на Финска, Марија Охисало и Ана Маја Хенриксон, како и претставници на ЕК, на Европскиот совет, на Еуроџаст, Европол, Венецијанската комисија и други.

Изразувајќи го задоволството што нашата земја ја доби можноста да биде организатор на овој Форум, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна дека самиот тој чин претставува испраќање на јасна порака за европската перспектива на регионот на Западен Балкан, како единствена алтернатива која ќе обезбеди мир, стабилност и просперитет на негови граѓани.

Инаку, од аспект на внатрешните работи и правдата, предвидено е во трите работни сесии на Форумот да се говори на темите поврзани со миграцијата, безбедноста на границите, соработката со Фронтекс, потоа околу заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал, со посебен осврт на трговијата со луѓе и шверцот на дрога и оружје. На форумот ќе бидат презентирани и приоритетите на делување во текот на идното хрватско претседавање со Советот на Европа.