Премиерот Оливер Спасовски денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Кипар, Никос Кристодулидес.

Како што информираат од неговиот кабинет, Спасовски го истакнал задоволството од неодамна воспоставените дипломатски односи со Република Кипар, и нагласил дека е од големо значење тоа што владите на двете земји се залагаат да се развие соработката во сите области од заемен интерес.

– Премиерот истакна дека посетата на министерот за надворешни работи на Кипар се совпаѓа со вчера објавениот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија, и дека тој извештај е признание и за земјите што цело време ја поддржуваа нашата земја во процесот за интеграција во ЕУ, меѓу кои е и Република Кипар – стои во владиното соопштение за средбата.

Шефот на кипарската дипломатија на средбата изразил безрезервно уверување дека неговата земја, како и до сега, ќе го поддржи донесувањето на одлука за старт на преговорите на ЕУ со Македонија.