Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, вчерашните предвремени парламентарни избори ги опиша како кристално чисти, фер и демократски.

– Изборот е направен, насоката е потврдена, Северна Македонија продолжува на правиот пат во сигурна и европска иднина – рече Спасовски.

Тој истакна дека Државната изборна комисија е должна да излезе на прес-конференција и да ги соопшти резултатите.

– Упатувам благодарност до институциите вклучени во организацијата и спроведувањето на изборите. Посебно упатувам благодарност до Комисијата за заразни болести за успешно донесените избори за заштита на јавното здравје – рече тој.

Според Спасовски, победник на вчерашните избори е секој гласач, а нашата земја докажала дека е заслужено членка на НАТО.

На новинарското прашање, дали СДСМ ќе коалицира со ДУИ, Спасовски одговори дека тоа е прашање што треба да биде упатено до партијата.

– Тоа е прашање на политички проценки и политички договарања. Сè што мора да се направи за доброто на граѓаните, треба да се направи, да докажеме дека интересот на граѓаните е во прв план – рече Спасовски.