Сите закони што се многу битни за граѓаните прво треба да се донесат во Собранието, пред неговото распуштање, па дури потоа да се оди на избори, истакна премиерот на техничката влада Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на студенстскиот дом „Гоце Делчев“.

Тој не сакаше да даде изјави за евентуално формирање на ново парламентарно мнозинство, бидејќи смета оти законските решенија ќе се усвојат според претходните договори, по што ќе се оди на избори. Спасовски посочи дека може да се зборува ново парламентарно мнозинство во случај на опструкција на решенија.

Премиерот напомена дека СДСМ има коректни односи со ДУИ, зборувајќи за носење на законските решенија.

Спасовски наведе и дека Собранието треба да одлучува по неговиот предлог за разрешување на техничката министерка за труд, по точка на дневниот ред на седницата закажана за 15 часот. Тој очекува и предлог од ВМРО-ДПМНЕ за нов министер.