Докторите велат дека физичката неактивност за различни категории граѓани била проблем и пред пандемијата. Сега со онлајн настава, работа и седење дома проблемите може да се мултиплицираат кај сите возрасни категории

Пандемијата не само што ги затвори луѓето во нивните домови поради стравот од заразата туку ја намали и нивната физичка активност. Учениците имаат онлајн настава од дома и поголем дел од денот го поминуваат пред компјутерите, како и нивните родители што работат од дома. Најмногу време во затворен простор исполнето со физичка неактивност можеби поминуваат највозрасните. А лекарите јасно кажуваат дека физичката активност е корисна како за мускулите така и за мозокот, ја развива меморијата, а го намалува и ризикот од појава на Алцхајмерова болест и деменција, кардиоваскуларни и многу други болести. Не попусто се вели „во здраво тело, здрав дух“. Физичката неактивност кај различни возрасни групи може да предизвика и различни последици и здравствени проблеми. Докторите велат дека физичката неактивност била проблем и пред пандемијата затоа што има деца што на десет или дванаесет години имаат артеросклероза, болест на нездрави навики, и дека сме далеку од грижата што ја покажуваат развиени земји за физичката активност, особено на учениците. Лекарот специјалист по спортска медицина доцент д-р Зоран Ханџиски смета дека физичката активност треба да влезе и во Министерството за образование и во Министерството за здравство, а воопшто вели дека не се работи на тоа. Додава дека трипати во неделата часови по Физичко воспитување не се решение ако физичката активност не се спроведува адекватно во обем и по структура и дека е можно и кај нас да се реализираат вонучилишни активности, како на пример пешачење на Водно.

– Проблеми од физичка неактивност имаше и претходно, но сега кога поради пандемијата децата учат пред компјутер, времето ќе покаже колку процентуално ќе порасне бројот на ученици со искривување на ’рбетот. Токму поради таа физичка неактивност и реперкусиите од неа по телесното здравје, во училиштата се воведе трипати неделно час по Физичко воспитување. Сега особено во ова време децата се уште повеќе физички неактивни и поради тоа што не ги пуштаме многу да излегуваат надвор поради стравот од пандемијата. За да се ублажат состојбите, мора да излегуваат барем на пешачење во околината, бидејќи не можеме да ги препорачаме групните спортови како фудбал или кошарка. Лицата што подолго седат пред компјутер, добро е на секои триесетина минути да стануваат од стол, да се размрдаат, а пожелно е да практикуваат и некои вежби што можат да се изведуваат во домашни услови. Препорачливо е ако живеат во зграда да се качуваат и да се симнуваат по скали неколку пати што е добра физичка активност, а таа е добра и за сите други категории граѓани, кои можат барем да прошетаат, да пешачат во парк, на планина, покрај кејот на Вардар секогаш кога имаат можност – вели д-р Бурак Шабани, советник за примарна и превентивна здравствена заштита при Здравствен дом – Скопје.
Неговиот колега доцент д-р Зоран Ханџиски, специјалист по спортска медицина, вели дека во ова време на пандемијата, освен психолошкиот фактор, акумулираните стравови, проблем е и физичката неактивност.

– Поради недоволна физичка активност ние имаме деца со прекумерна тежина и со многу ризик-фактори за деформитети. Со овој процес сега проблемот се мултиплицира. Образовниот систем не е способен да го реши проблемот со физичката неактивност и, за жал, сѐ се префрла на родителите, а децата се сѐ повеќе на компјутер и играат игри и не излегуваат. Физичката активност се исполнува само преку спортските клубови. На децата им се потребни различни типови движења, аеробни вежби, како велосипедизам, пливање, пешачење, трчање, вежби за еластичност, истегнување и анаеробни вежби тренинг-вежби, потребно им е три-четири пати неделно пливање. Не може воспитно-образовниот процес да го остави тоа на фамилијата. Оние младинци што веќе го поминале пубертетот треба неделно да поминуваат од 150 до 200 минути во аеробна активност, возење велосипед, пешачење… Возрасните, ако надвор не е загадено, независно дали се дијабетичари, хипертензички или имаат кардиоваскуларни проблеми, треба да одат надвор што повеќе и да го користат сонцето од 10 до 14 часот кога е убав денот. Една шпанска студија покажала дека 85 отсто до смртноста на овие лица констатирала клинички недостиг од витамин Д, токму затоа многу се битни часовите поминати на сонце – смета доцент д-р Ханџиски.