Со сигурност ќе станеме парламентарна партија и релевантен играч на политичката сцена

Интервју со Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија

Народот е разочаран од поведението на големите партии. Практично и оние што очекуваа некакви позитивни промени се свесни дека биле манипулирани. Токму на ова Солза Грчева, претседателката на политичката партија Глас за Македонија, го темели ставот дека оваа партија, на претстојните парламентарни избори на 15 јули годинава, ќе стане дел од Собранието на земјата.
– Во Глас за Македонија многумина препознаваат нова сила на храбри, чесни и луѓе потковани со знаење. Моите очекувања се дека со сигурност ќе станеме парламентарна партија што ќе стане релевантен играч на политичката сцена. Одиме цврсто напред со својата идеологија, во тешка битка со два моќни, богати и до крајност корумпирани блока. Очекувам народот да не се однесува како повторувач веќе 30 години и дека извлекол некакви поуки. Неблагодарно е да се шпекулира со број на пратеници, зашто нашите избори се сѐ друго, само не фер и демократски – вели Грчева.

Како ја оценувате оваа политичка кампања?
– Оваа изборна кампања не е различна од целиот изборен фолклор на кој сме навикнати веќе со децении. Големите партии немаат никаква намера да се погледнат самите себеси, да ги коригираат сопствените практики и катастрофални грешки, да ги признаат пред народот и да понудат поинаков начин на владеење. Нам не ни е потребна лицитација со бројки што означуваат чисти популистички ветувања, од некој што сега привремено се преоблекол во јагнешка кожа. Ден по изборите тие ништо не менуваат. Во кампањата доминираат напади кон противникот, а всушност цели три децении не видовме ништо различно. Со неверојатна леснотија зборуваат за корупција кај противникот, а своето криминално досие се обидуваат да го скријат и да заиграат на картата на колективна амнезија на народот. За каква нефер кампања станува збор, доволно е да го прочитате Изборниот законик, кој тие го скроија по нивна мера и е чисто насилство на демократијата. Целото рекламирање, сите пари, речиси целиот медиумски простор им припаѓа на големите. Додека во развиените демократии им се посветува најголемо внимание на новите играчи во изборната трка и за нивната понуда се создава интерес, кај нас е старата, коруптивна практика.

Зошто граѓаните би требало да го дадат гласот за Глас за Македонија?
– Затоа што сме партија на чесни, реализирани и сериозни луѓе. Затоа што првпат имаме подготвени и потковани луѓе да се фатат во костец со страшната корупција, која нѐ осиромаши и ни го одзеде достоинството. Затоа што ни е потребен трет македонски блок во Собранието, кој ќе ги амортизира уцените што доаѓаат од албанскиот блок. Затоа што првпат се појавува партија подготвена не да гребе по површината, туку да направи сериозни промени пред сѐ во заробениот политички систем. Затоа што не ветуваме влез во рајот, туку работа и ум. Затоа што имаме најдобра програма и сме подготвени да ја реализираме. Затоа што не сме ничиј сателит, туку партија што цврсто им се спротивставува на двата блока, кои постојано нѐ уништуваат. Затоа што ќе имаме вистинска демократија, владеење на народот, каде што сите решенија ќе ги градиме заедно со секој еснаф, сектор, група, човек.

Што нудите револуционерно и специфично во вашата понуда?
– Глас за Македонија е прва и единствена антикорупциска партија кај нас. Да не заборавиме дека и уставното име го дадоа уценети и корумпирани политичари. Сите системи ни се потонати, по сите показатели: сиромаштија, корупција, загадување, очајно здравство, образование, правосудство, масовно иселување.
За таа цел, најпрво ќе направиме длабоки резови во закоравениот и заробен политички систем. Постојат две основни појдовни точки од кои ќе ја нападнеме корупцијата. Прво, имаме озаконета корупција низ многу закони. Сите ќе бидат ревидирани. Глас за Македонија ќе донесе закон за потекло на имотот, закон за конфискување на нелегално стекнатиот имот, нов прецизен закон за конфликт на интереси, нема застарување на ниту едно кривично дело и Државната ревизија ќе ја отвори криминалната приватизација и денационализација. Жртвите од овие процеси мора да добијат праведна разврска. Ќе им се дадат зголемени ингеренции на ДКСК, Финансиската полиција, Државната ревизија, но истите тие нема да имаат ниту еден партиски член, ниту „близок“ до некоја партија. Исто и ДИК. Втор и голем извор на корупција се јавните претпријатија, министерствата и администрацијата во целост.

Тие сега се извор на кражба преку наместени тендери, прекумерни партиски вработувања и неработење. Глас за Македонија ќе направи рамка во која, без разлика од партиската книшка, најдобрите ќе дојдат на соодветни позиции. Еднаш засекогаш партиите ќе ги тргнат шепите од јавните институции, кои треба да му служат на јавниот, а не на партискиот интерес. Тоа е клучна реформа. Институцијата самата одбира раководители, директори, преку јавен конкурс со целата документација на увид на јавноста. Исто ќе биде и за секој тендер. Законот за јавни претпријатија мора да се промени. Токму ова е апаратот за дишење на кој со децении се одржуваат двете партии, кои ги украдоа институциите исклучиво за своја репродукција и богатење. Глас за Македонија ќе му даде на народот механизми за непосредно одлучување како во развиените демократии. Тој, а не Собранието, на задолжителен референдум ќе одлучува за секоја промена во Уставот, но и за промена на Владата. Ќе воведеме и „отповикливост“ на функционер под јасно дадени услови. Оној што ги избрал, ќе може да ги разреши.

Каква иднина ја очекува Македонија по овие избори?
– Доколку народот не се освести навреме и гласа најмногу за блоковите што циклично се менуваат 30 години и нѐ доведоа на работ на исчезнување како народ, на работ на крајна сиромаштија, материјална и морална, тогаш ќе продолжиме да се вртиме во спирала што оди надолу – незапирливо и закономерно. Очекувам уште поголемо иселување на младите, партизирани односно украдени институции, коруптивни скандали и селективно судство. Омразата и поделбата меѓу луѓето ќе станат уште поголеми.