Фото: Дарко Андоновски

Со оглед на постоењето на повеќе индиции за поврзаноста на специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева со осомничениот Бојан Јовановски, како и недвосмислената поддршка, речиси инсистирање, на дел од дипломатските претставници во земјава, СЈО да продолжи да функционира и понатаму во рамките на редовниот правен систем, јавноста повеќе е наклонета да им верува на шпекулациите отколку на апелите за воздржаност и на демантите

По отворањето на истрагата за случајот „Рекет“, поради кој 30-дневен притвор за уцена со снимени разговори, рекет и перење пари добија Бојан Јовановски и Зоран Милевски, што временски се совпадна со оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, медиумските шпекулации „од блиски извори на обвинителството“ се повеќе од официјалните информации што ги дава Обвинителството за организиран криминал. Една од таквите медиумски шпекулации во аферата вовлекува и дел од претставниците на дипломатскиот кор во Македонија, односно оние кои учествувале во процесот на постигнување на Пржинскиот договор, со кој всушност беше и создадено специјалното јавно обвинителство, пред четири години.

Имено, според извори на еден од медиумите, додека се вршел претресот по домовите на обвинетите во „Рекет“, Јанева успеала да се јави на поранешен дипломатски претставник во Македонија, учесник во пржинските преговори. Освен овој телефонски разговор, Јанева, според објавеното, се слушнала и со висок претставник на македонските власти. Некој од присутните на настанот тврдел дека Јанева се заканила оти дел од снимките се депонирани во странство. Наводно по тие телефонски разговори, налогот бил заборавен. Оваа информација веднаш беше демантирана од Јавното обвинителство во изјава за друг медиум, со став дека се работи за класична дезинформација и конструкција. Потврдено е само дека на Јанева ѝ е одземен мобилниот телефон.
– Апсолутно не се точни написите на еден медиум дека Основното јавно обвинителство и припадници на МВР имале налог за приведување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во зградата на СЈО – велат од обвинителството и повторуваат дека одземениот телефон на Јанева е само за да се лоцираат нејзините телефонски контакти со Бојан Јовановски.
Во однос, пак, на наводниот телефонски разговор со „висок претставник од власта“, вчера се огласи премиерот Зоран Заев.

– Јас можам да кажам за себе – не сум се слушнал со Катица Јанева! Апсолутно не. Гледам дека седењето на компјутер е правење идеја како да се има примамлив текст за читање, но граѓаните можат јасно да оценат што е што – рече премиерот Заев на вчерашната прес-конференција во Владата, порачувајќи им на медиумите да ги прашаат дипломатите во Македонија ако сакаат да дознаат на кого му се јавила Катица Јанева, но и нагласувајќи дека и понатаму стои зад обвинителката како личност.
Од претставништвата на дипломатскиот кор во Македонија, за кои се знае дека беа вклучени во пржинскиот процес и во создавањето на СЈО, персонално речиси никој веќе не е на должност во земјава. Сепак, на прашањето на „Нова Македонија“ до претставништвата на ЕУ, Франција и на Германија за тоа каков став имаат за вмешаноста на дипломатските претставници во афери каде што е загрозено владеењето на правото (на кое тие секогаш инсистираат), одговорот е генерален и принципиелен дека како дипломати „не коментираат тековни правни постапки и написи во медиумите“.

Неодамнешниот амбасадор на Холандија во Македонија, Валтер Пломп, кој до крајот на својот мандат се залагаше за опстанокот на СЈО, во телевизиско интервју по аферата „Рекет“ вели дека според генералниот принцип, „кога постојат сериозни обвинувања за злоупотреби, не треба ни да се нагласува дека тие треба да бидат истражени. И ако има основа за понатамошна истрага или кривично гонење, тие треба да бидат кривично гонети“.

– Би рекол дека тоа е суштината на владеењето на правото! – изјави Пломп.
Тој сепак нагласи дека она што е важно се резултатите во гонењето и борбата со високата корупција.
– Не се работи за личности, дури ни за институции, туку за постигнување резултати. Она што сакаме да го видиме се случаи на висока корупција да бидат соодветно истражени и кривично гонети. Есенцијално е да има евиденција на случаи. Решени случаи и владеење на правото. Сакаме да видиме владеење на правото. Тоа е она за што се грижиме во процесот на прием на нови членки – кажа холандскиот амбасадор Пломп, зборувајќи за условеноста на поддршката на Холандија за добивање датум за Македонија за почеток на преговори со ЕУ, со резултати во реформите и за владеење на правото.

Во текот на пржинскиот процес, белгискиот дипломат Питер ван Хоуте беше специјален претставник во земјава за спроведување реформи. Тој сега се огласи со барање да запрат сите шпекулации за СЈО.
– Што и да се случило во СЈО, важно е да се запрат сите шпекулации и да се дозволи редовното обвинителство да ја заврши својата работа. Ако постоела злоупотреба на позицијата на моќ, сите луѓе кои биле вклучени треба да бидат осудени. Но запрете ги гласините – пишува Ван Хоуте.

Тој прашува зошто сево ова сега наеднаш излегува на површина и кој стои зад сето ова.

– Дали Катица Јанева допре до одредени луѓе кои веруваа дека се недофатливи и над законот? Како одговор на прашањето „кој има интерес за тоа да се случи“, можам да дадам долга листа со имиња, но тоа нема да ѝ помогне на земјата да оди напред. Сепак, едно е јасно: политичарите целосно ја замешаа работата. Наместо да гарантираат непристрасна и независна правда, политичарите од сите партии продолжија со своите лични борби и ја заборавија важноста на правилното спроведување на основните демократски принципи, како што се поделбата на власта и потребата за независно судство – пишува Ван Хоуте на социјалните мрежи.
Сепак, со оглед на постоењето на повеќе индиции за поврзаноста на специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева со осомничениот Бојан Јовановски, како и недвосмислената поддршка, речиси инсистирање, на дипломатските претставници од земјите на ЕУ, СЈО да продолжи да функционира и понатаму во рамките на редовниот правен систем, јавноста е повеќе наклонета да им верува на шпекулациите отколку на апелите за воздржаност и на демантите. Освен тоа, со оваа наводна поврзаност на Јанева со кривичното дело на Јовановски, дополнително се компромитирани идејата и кредибилитетот на СЈО, кое за четири години не успеа да покаже некои големи резултати во справувањето со високата корупција и организираниот криминал.

Фото: Маја Јаневска-Илиева