Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бугарско-македонските односи и проблематизирањето на македонските евроинтеграции од страна на Бугарија, неофицијален Вашингтон не ги гледа како проблем, туку како неочекувана и непланирана непријатност. Таа загадочна порака ја лансира во бугарската јавност поранешниот амбасадор на САД во Бугарија, Џејмс Пердју, како одговор на прашањето дали спорот меѓу Софија и Скопје е голем проблем за Вашингтон и дали Бугарија може да очекува притисок од страна на САД во однос на својата позиција

Вашингтон го посочи Западен Балкан како еден од своите шест надворешнополитички приоритети на интерес

Во актуелнава „постветовска“ фаза на македонско-бугарските односи, политичките аналитичари и во двете земји сѐ почесто проценуваат дека придвижувања на овој план се очекуваат со активирањето на новата администрација на САД. Имено, Бајденовиот тим веќе го посочи Западен Балкан како еден од своите шест надворешнополитички приоритети на интерес.

Неофицијално, сепак нови ветришта од Вашингтон

Ставени во таков американски контекст, бугарско-македонските односи и проблематизирањето на македонските евроинтеграции од страна на Бугарија, неофицијален Вашингтон не ги гледа како проблем, туку како неочекувана и непланирана непријатност.
– Тоа не е толку голем проблем за нас, колку што е разочарување. За мене особено е разочарување. Не сум зборувал со никој од администрацијата на Бајден за овој проблем и не ја знам нивната позиција. Верувам дека во интерес на Бугарија е таа да работи за каузата РС Македонија да дојде до членство во ЕУ – изјави за бугарски национален медиум, поранешниот амбасадор на САД во Бугарија, Џејмс Пердју, како одговор на прашањето дали спорот меѓу Софија и Скопје е голем проблем за Вашингтон и дали Бугарија може да очекува притисок од страна на САД во однос на својата позиција.
Пердју, кој беше и активен учесник во креирањето на Охридскиот договор за решавање на конфликтот од 2001 година во Македонија, во интервјуто додава дека Македонија е суверена земја и веќе не треба да биде малтретирана по решавањето на спорот за името со Грција. Според него, на двете земји повеќе им прилега да бидат блиски сојузници отколку да се караат за историјата.
Промената на историјата и нејзиното акомодирање со наративот на друга нација, де факто значи промена на идентитетот на нацијата

Во македонската научна јавност американските политички позиции, декларирани преку изјавите на (поранешни) американски политичари и дипломати како Медлин Олбрајт и Џејмс Пердју, не се доволна гаранција за опстојувањето на посебноста на македонскиот национален идентитет и автентичноста на македонска историја. Во таа насока, во една своја анализа, универзитетскиот професор, историчар, Митко Панов, интересно дефинира како евентуалната промена на читањето и толкувањето на историјата директно ќе се одрази врз идентитетот на народот и нацијата.
– Во тој контекст, а во функција на решавање на проблемот со ветото од Бугарија, во најново време либералните идеолози на актуелната политичка елита отворено повикуваат на носење „еманципаторска политичка одлука“ со која власта ќе ја преземе целосната одговорност за промената на историјата на нацијата. За овие идеолози историјата е „премногу важна за да им се остави на историчарите“ поради што е неопходна политичка одлука со која либералната политичка елита ќе одреди што и како ќе се чита од историјата, вклучувајќи и „заедничките корени“ со Бугарија и линијата на бугарскиот национален наратив. На тој начин тие всушност ја прават ирелевантна понатамошната дискусија во рамките на комисијата за историски и образовни прашања, сведувајќи ја употребната вредност на нејзините членови на егзекутори на политичката волја и одлуки.

Притоа либералните идеолози не кажуваат отворено дека промената на историјата директно ќе се одрази врз идентитетот на народот и нацијата. Единствено напоменуваат дека историјата треба да се издвои од политичките преговори со Бугарија за идентитетот и јазикот, што би се бајпасирало преку некаква претпоставена декларативна договорна форма прифатлива за нејзино сервирање за потребите на македонскиот внатрешнополитички амбиент. Евидентно, сега се работи на политичка формула што треба да создаде привид кај граѓаните дека промената на историјата, а со тоа и на меморијата на нацијата, нема да ги засегне македонскиот идентитет и јазик. Меѓутоа, промената на историјата и нејзиното акомодирање со наративот на друга нација, во случајот со бугарската, де факто значи заокружување на процесот на промената на идентитетот на нацијата, инициран и условен од Преспанскиот договор, како и од уставните промени – пишува во една своја анализа, универзитетскиот професор, историчар, Митко Панов.

Секое политичко отворање и барање помош, без претходен план и стратегија, се ризични за македонските ресурси

Се чини дека историско-идентитетскиот предизвик што се појави пред Македонија во нејзините евроатлантски и евтоинтеграциски амбиции, воопшто не се решава ниту со прифаќањето отстапки во соседските договори, несоодветни ниту за европските стандарди, ниту според меѓународното право. Поради тоа се поставува прашањето, дали евентуалното издвојување на историските прашања, односно работата на мешаната историска комисија од пристапниот процес за ЕУ, целосно би ги амортизирала бугарските идентитетско-историски амбиции и побарувања од Македонија.
– Бугарија никогаш нема да се откаже од својата опсесија за присвојување на Македонија и Македонците. Тоа им е „болка“ речиси 150 години, која не се подготвени да ја преболат и секогаш кога имаат можност (како сега) ќе настојуваат да си ја (за)лечат со агресивно наметнување на својата опсесија. Дали и колку би помогнало евентуалното издвојување на историските теми од пристапниот процес на Македонија во ЕУ, под некаков геополитички (или американски) притисок, останува дискутабилно. Во политиката никој не ти помага зашто те сака, без да има некоја своја цел и свој интерес. Тоа го знаеле уште и Гоце Делчев и Јане Сандански, а Македонија треба да биде внимателна со помошта и сега. Јасно е дека најголемиот интерес на американската политика на Западен Балкан е спречување на руското влијание. Дури и да ни помогнат во надминување на ветото од Бугарија за ЕУ, тоа сигурно нема да биде без одредена цена и некакви отстапки на друга страна. Секое политичко отворање и барање помош, без претходен план и стратегија, се ризични за македонските ресурси – природни, економски, демографски…, а се покажува дека загрозеноста се пренесува најопасно на идентитетско-историски план – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.