Фото: Илустрација/Маја Јаневска-Илиева

Што повеќе да се внесуваат течна храна, супи, храна што брзо се метаболизира, богата со антиоксиданси пред сѐ свежа храна, многу свежо овошје и свеж зеленчук, лукчиња, кромитчиња, марули, од овошја замрзнати црвени плодови, малини, капини, рибизли во комбинација со сезонско овошје, јаболка, круши, мандарини портокали, банани, киви, но и јатки, бадеми, лешници, семки од тикви, суво грозје во комбинација со леблебија, сончоглед. Само така ќе се зачува и ќе се подобри имунитетот, а тој е потребен за да му се спротивставиме на вирусот, тврдат нутриционистите

Многу од христијанските верници веќе го започнаа шестнеделниот велигденски пост и се одрекоа од консумацијата на производи од животинско потекло, месо, месни производи, јајца и млечни производи. Но во време на пандемија на ковид-19, многумина се прашуваат како ќе се одрази постот врз здравјето, кои се придобивките и има ли ризици преку постењето евентуално да се ослабат организмот и имунитетот, кој сега е најважен за да се заштитиме од коронавирусот.
Лекарите велат дека нема никаков проблем со постењето сѐ додека нема драматична промена во внесувањето на хранливите состојки во организмот, затоа што она што може како хранлива состојка и без постење да се внесе, може и со пост да се внесе. Постот не трае долго, има ограничен период, велат лекарите, меѓутоа оние што постат мора да внимаваат организмот да не го изложат на ризик, да не се случи тој да нема доволно хранливи состојки, особено макронутриниенти, јаглехидрати, масти, протеини… Сѐ што може од животинско потекло, може да се внесе и преку исхрана базирана на растително потекло.
– Овие шест недели не се толку голем период и за ова време организмот нема да се изложи на ризик, затоа што тој има дополнителни одбранбени механизми што ќе го спречат да влезе во ризик. Шест недели не се преголем период. Она што треба да се внимава, постот кај луѓето што имаат некакви хронични состојби можеби може да придонесе да им се намали дел од хранливите материи, а тоа да го зголеми нивниот ризик во однос на состојбата што ја имаат. И да не набројувам има и во кардиоваскуларните и во нефролошките болести дел што може да се случи, да не навлегуваме премногу со стручна терминологија. Е, сега луѓето што се во ситуација со ковид-19, прележале ковид-19, тие не треба да постат, да прават промени во начинот на исхрана. Тие треба првенствено во консултација со нивниот лекар да си ја одржуваат состојбата за болеста да не прогресира, односно ако е постковид-состојба да не се влоши. Ние немаме точна научни докази колку трае закрепнувањето, она што претпоставуваме е дека и минимум по шест месеци по прележувањето на ковид-19 организмот сѐ уште е во фаза на регенерација до шест месеци. Не треба да се ризикува со здравјето шест месеци по прележувањето. Така што постењето апсолутно е дозволено и може да се практикува. Нема здравствени ризици, освен ако има некоја хронична состојба што може да го компромитира здравјето, ако не се внесуваат микро и макронутриниенти – вели д-р Игор Спировски, раководител на Одделението за исхрана во Институтот за јавно здравје.

И од Македонската православна црква се согласуваат дека хронично болните не треба да постат.
– Постот не претставува опасност, ниту може да биде извор на болест. Но секако во време на нагласено страдање од болест како што е оваа пандемија на ковид-19, црквата и свештенослужителите снисходат кон потребите на верниот народ. Така, болните се разрешуваат од постот, додека не го повратат здравјето, а на тие со нарушено здравје им се разрешува да постат поублажено. На тие пак што се здрави им се благословува според нивната ревност. Инаку на црквата не ѝ е познато ова искуство. Впрочем ние секогаш се соочуваме со луѓе што воопшто страдаат од хронични заболувања, кои имаат потреба од разрешување – објасни отец Бобан Митевски од Скопската епархија на МПЦ.
Нутриционистите, пак, сметаат дека дури и болните од ковид-19 можат да си го подобрат здравјето ако не јадат месо, млечни производи и слично, но категорични се постот да не се сведува само на маргарин и леб, туку на внесување во организмот на многу свежа храна.
– Нема никакви ризици, напротив постот е само придобивка, ако постот се сфати како храна што изобилува со многу свежо овошје и свеж зеленчук, особено сега овие лукчиња, кромитчиња, марули и сѐ што има сезонско се полни со енергија и антиоксиданси. Од овошја да се имплементираат замрзнати црвени плодови, малини, капини, рибизли во комбинација со сезонско овошје, јаболка, круши, мандарини, портокали, банани, киви, бидејќи се полни со антиоксиданси. Организмот кога е на посна храна има повеќе енергија затоа што не ја троши енергијата за варење на храната од животинско потекло.

Готвењето без масло е добро за телото и може да се готви маестрално без него, а имаме импутирање дека јадењето ќе биде без вкус. Просо и хелда во манџите за да се зголеми нутритивноста. Во ова време на пандемија антиоксидансите се во свежата храна и затоа таа е добра. Витаминот Ц не е во вареното месо­. Што повеќе цедени сокови, без три лимони да не се помине денот, може и додатоци во исхраната да се користат бидејќи тие имаат висока енергија, природни биододатоци. Јајцата од препелица ако е пост ги препорачувам како лек. Ниеден рак не се средува со месо, ниедна болест, тоа е закиселување на телото, сирењата и кашкавалите се закиселувачи на телото. Што повеќе течна храна, супи, храна што брзо се метаболизира, чај од лушпа од кромид – нема подобар лек за белите дробови. Постот да не се сведува на леб и маргарин, туку на максимално искористување на храната со антиоксиданси пред сѐ свежа храна, јатки, бадеми, лешници, семки од тикви, суво грозје во комбинација со леблебија, сончоглед. Само така ќе се зачува и подобри имунитетот, а тој е потребен за да му се спротивставиме на вирусот – објаснува нутриционистката Цвета Динова.

Во однос на оние лица што примаат некаква терапија, лекарските совети се дека треба да разговараат со матичните лекари и со нив да се консултираат дали да постат. Сметаат дека секоја состојба е засебна и не треба да се даваат генерални препораки.
– Треба да се разговара и да се продискутира со оној што ја ординирал терапијата. Треба да се води сметка дали терапијата го компромитира организмот. Има определени лица што го компромитираат внесувањето на некакви си хранливи материи особено кога тоа е поврзано со гастроинтестиналниот систем, со цревата каде што се прави ресорпцијата. За тие состојби треба да се внимава и треба консултација со матичните лекари. Луѓето што со години користат терапија тоа си го знаат и не би влегувале во некакви дополнителни ризици, ако не се консултирале со лекарите – вели д-р Игор Спировски.