Фото: Игор Бансколиев

Може ли ваков „државнички пристап“, како што ја окарактеризираа некои од хрватските дипломати одлуката на тамошниот претседател Зоран Милановиќ да ја покани и својата претходничка, но и некогаш жестока политичка противничка, Колинда Грабар Китаровиќ, заедно да ги застапуваат националните интереси на годишната сесија на ГС на ООН, да се примени и во Македонија? Ова прашање повеќепати се наметнуваше додека траеше спорот за името на Македонија со Грција, но и сега, додека се во тек преговорите за реализација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија

Исчекор на политичарите што граѓаните го очекуваат со нетрпение

Како своевидна политичка сензација, но и како голем исчекор во практикувањето на политиката и доказ за зрелоста на демократијата, деновиве во Хрватска беше проследена информацијата дека двајцата претходно жестоки политички ривали, актуелниот претседател и поранешен премиер и лидер на тамошната Социјалдемократска партија (СДП) Зоран Милановиќ и неговата претходничка на претседателската функција од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Колинда Грабар Китаровиќ, отпатувале во Њујорк каде што во рамките на 76. сесија на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации заедно ќе ги застапуваат интересите на својата земја. Милановиќ, покрај придружбата што е вообичаена за ваквите настани, ја поканил и Грабар Китаровиќ, иако не како дел од официјалната делегација, да патува во Њујорк за да реализира дел од своите активности од областа на меѓународните односи и на безбедносната политика во својство на поранешен шеф на државата. Може ли и треба ли ваков „државнички пристап“, како што го окарактеризираа некои од хрватските дипломати, да се примени и во Македонија, особено кога станува збор за промоција и одбрана на највисоките национални интереси, е прашање што повеќепати се наметнуваше додека траеше спорот за името на Македонија со Грција, но и сега додека течат преговорите за реализација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
– Очигледно е дека позициите на овдешните политички фактори се толку различни во однос на можните начини на решавањето на проблемите што ги имавме со Грција, како и на овие што сега ги имаме со Бугарија што воопшто не останува простор за заедничко настапување и не верувам дека такво нешто воопшто е можно во Македонија. Особено ако се следат изјавите на политичките партии околу овие прашања, јасно е дека таквата дисперзија на ставовите не може никако да се сведе на заеднички настап.

И позициите на поранешните претседатели се многу различни од тие што ги има актуелната владејачка гарнитура, така што ни тука не гледам простор за некакво поместување – смета универзитетскиот професор и поранешен македонски амбасадор Звонимир Јанкулоски.
Иако малку повоздржан во однос на вистинските мотиви на хрватскиот претседателски двоец, ниту Ивица Боцевски, како уште еден поранешен македонски дипломат, не гледа простор за поактивен ангажман на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов и актуелните македонски политичари во таа насока.
– Институцијата поранешен претседател е почесна и церемонијална функција. Самата идеја да се воспостави кабинет на поранешниот претседател подразбира дека поранешниот шеф на државата веќе не е дел од активната политика и дека не се меша во актуелниот политички момент. Овој чин на Милановиќ е нетипичен и ќе треба да се набљудува низ призма на идните настани околу поранешната претседателка Грабар Китаровиќ. Можно е да станува збор за нејзина кандидатура за меѓународна функција, па Милановиќ ѝ дава можност за нејзина промоција пред највисокиот годишен самит на политички лидери или, пак, за некоја внатрешна динамика на хрватската политика (и Милановиќ и Грабар-Китаровиќ се потиснати од нивните матични партии и актуелните лидери на СДП и на ХДЗ), но дефинитивно допрва ќе судиме. Сепак, надворешната политика ја водат актуелните политичари, а на поранешните политичари местото им е во историјата. Така што, не треба да правиме од ова некаква посебна драма во Македонија, а кај нас соработката е невозможна поради длабокиот јаз по „Северна…“. Однесувањето на актуелната врхушка не води кон неопходното национално помирување, кое би овозможило заедничка работа на клучните национални интереси – вели Боцевски.

Во случајот на Македонија, како што потсетуваат, не само што не може да се очекува релаксирање на односите и доближување на позициите на посочените релации туку проблематично станува и усогласувањето на позициите во рамките на самиот актуелен државен врв. Освен извесни разминувања, па навреме и директни спротивставувања околу некои внатрешни проблеми, што се разбира, некојпат, може да биде и корисно, сегашните претседател и премиер, Стево Пендаровски и Зоран Заев, инаку произлезени од политичка опција, во еден момент демонстрираа, не толку отворени, но сепак забележливи разлики, во однос на тоа колку далеку може да се оди во прифаќањето на ултиматумите на Бугарија.
Инаку, и македонскиот претседател Стево Пендаровски престојува во работна посета на САД каде што ќе учествува на 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според најавата од неговиот кабинет, Пендаровски ќе се обрати на Генералната дебата, а во рамките на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е да се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и со некои шефови на држави и влади. Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, која има сопствена агенда, а во исто време, во Њујорк ќе замине и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој ќе присуствува на средбата со Гутереш и на обраќањето на Пендаровски на Генералната дебата. Од МНР информираа дека Османи, меѓу другото, ќе ја искористи посетата и за натамошно промовирање на заложбите на нашата земја, но и на нашите партнери ЕУ и САД, за поддршка на ефективниот мултилатерализам. Д.М.М.