Фото: Маја Јаневска-Илиева

Грција и Бугарија ги толкуваат договорите со Македонија како што им одговара

Последното грчко барање да се тргнат кратенката МКД и логото ФФМ од дресовите на македонските фудбалери е само уште една потврда дека соседите, настапувајќи од позиција на сила, се обидуваат да издејствуваат многу повеќе од она што е договорено, барајќи нови и нови отстапки од нашата земја. Дали е време и Македонија да сврти нов лист и сè додека немаме никаква перспектива и не сме ги почнале преговорите со ЕУ, нема што да имплементираме. Такво нешто, впрочем, е предвидено и во Договорот со Грција и во Договорот со Бугарија

Последните поплаки од Грција до УЕФА за наводното прекршување од македонска страна на Преспанскиот договор со употребата на кратенката МКД и логото ФФМ на дресовите на македонските фудбалери што настапуваат на Европското првенство е само уште една потврда дека соседите, настапувајќи од позиција на сила, си ги толкуваат договорите како што им одговара и се обидуваат да издејствуваат и повеќе од она што е веќе договорено и потпишано.

Иако од македонското МНР реагираа дека употребата на кратенката МКД е прецизно утврдена со Преспанскиот договор, а ФФМ како независна и непрофитна организација нема никакви обврски во однос на Договорот од Преспа, сепак, Грција продолжува да врши притисок да издејствува многу повеќе од договореното. Од друга страна, и по неколку години, Грција не спроведе ниту една своја обврска од Договорот, што е уште една потврда за нивното лицемерство, дволичност, политичко калкулантство и стратегија на постојано подметнување и ставање сопки кон Македонија. Истиот приод го има и Бугарија.

Моментот во кој доаѓаат ваквите грчки поплаки се совпаѓа со историскиот успех на македонската фудбалска репрезентација, па не би било изненадување сето ова да е предизвикано и од доза на завист, бидејќи Македонија е на ЕП и ја гледа цела Европа, а тие не се.
– Мислам дека сè уште треба да завршиме многу работа на ова поле. Не е задоволително она што е направено досега – изјави неодамна грчкиот заменик-министер за образование Ангелос Сиригос, што само потврдува дека Грција ќе продолжи во секоја пригода да ги толкува точките од Преспанскиот договор онака како што ѝ одговара.

Од друга страна, официјална Атина и натаму ништо не имплементира од точките од Договорот, ниту поставува табли со новото име на државава на својата територија, ниту, пак, ги ратификува трите меморандума, Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, Меморандумот за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на ФИР Скопје.

Слични примери има и со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, каде што бугарската страна го блокира почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, неосновано и без аргументи обвинувајќи ја земјава дека го прекршила Договорот.

Од друга страна, истата таа Бугарија флагрантно го прекрши Договорот за добрососедство. Иако во него имаше точка во која се наведува дека Софија нема да го попречува европскиот пат на земјава, туку ќе ја помага нејзината евроинтеграција, Бугарија нѐ блокира ставајќи вето на нашиот пат кон ЕУ.

Без оглед на потпишаните договори, се чини дека соседите продолжуваат да си ги толкуваат договорите како што им одговара, во обид преку притисок да издејствуваат нови отстапки надвор од договореното и потпишаното.
– Ова што Грците реагираат едноставно не важи, бидејќи тоа е решено со спогодбата во делот на употребата на новото име за приватни организации. Таму е јасно ставено до знаење дека на приватните фирми и организации никој не може да им нареди да си ги сменат печатот, името и слично – тврди дипломатот од кариера и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски.

Според него, ова што го прават грчките политичари сега со реакциите е само да ја смират домашната јавност, која реагира на кратенките што ги гледа за време на преносите од ЕП.
– И таму има многу луѓе што се против спогодбата од Преспа. Ако не реагираат политичарите, дел од грчката јавност ќе ги обвини зошто не реагирале, а вака ќе се оправдаат дека реагирале, но дека нивните реакции не дале плод. Факт е дека кратенките им пречат, бидејќи сега ќе почнат да се откриваат многу работи каде што и тие попуштиле. Зад сето ова се крие само смирување на домашната јавност – смета Арсовски.

Фото: Игор Бансколиев

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски има став дека секоја држава се обидува да извлече максимум од договорите што ги потпишува, па дури и повеќе од тоа ако има шанса.
– Сите држави се обидуваат да извлечат максимум од каков и да е договор, а нашава држава повеќе ги гледа аспектите на другите. Грција и Бугарија знаат дека ова им е златната шанса да направат сè што замислиле со Македонија. На таквата сервилност на нашата власт тие си дозволуваат со вакви обиди, како ова со МКД и ФФМ, па ако им помине, уште подобро – вели Божиновски.

Според него, треба целосно да се анализира Преспанскиот договор и да се види што точно стои во него.
– Треба да се направи еден комплетен ресет на тој договор, да се види што има, а што нема во него. Ако тие некои измени на личните карти за внатрешна употреба биле со цел кога ќе влеземе во ЕУ, сега немаме никаква перспектива на тој план. Ако има членови од тој договор во кои се вели дека со почеток на преговорите со ЕУ или најдоцна за пет години од потпишувањето на Договорот ќе се имплементира нешто, и тоа треба да се преразгледа. Зошто нешто да се имплементира ако не одиме кон ЕУ – прашува Божиновски.

Тој уште додава дека и македонската страна треба да почне да ги толкува потпишаните договори во своја полза.
– И ние треба да почнеме да ги толкуваме договорите на начин како што велат правниците, според позитивното право, односно да се види која била причината да се донесе тој член од договорот. Сè додека ние немаме никаква перспектива и не сме ги почнале преговорите со ЕУ, нема што да имплементираме, бидејќи и онака имаме премногу имплементирано без некој да го бара тоа од нас. Затоа сметам дека актуелната власт повеќе дејствува како грчки и бугарски цензор, отколку како македонска власт. Од друга страна, Грците ништо не имплементираа од тој Преспански договор и продолжуваат да не го почитуваат – констатира Божиновски.