ПОБЕДАТА НА ФУДБАЛЕРИТЕ КАКО ПОВОД

Спортска Македонија е на нозе, откако македонските фудбалери повторно нѐ направија горди. По настапот на Европското првенство годинава, црвено-жолтите мајстори на фудбалот повторно ги исполнија срцата на македонската јавност и ја направија горда својата држава. Ова се, всушност, оние победи што ни недостигаа. Големиот сон наречен Светско првенство е тука, на дофат, потребен е уште само тој завршен чекор, па македонскиот фудбал да влезе во нова историја и првпат да биде дел од светската елита.

Успехот никого не остава рамнодушен, особено во овие турбулентни и кризни времиња, на политички, здравствен, енергетски… план. Со силата на колективот, победничкиот елемент на оваа генерација, македонската репрезентација си го трасира патот кон фудбалските врвови и, сега веќе очигледно е, тој елемент, кој функционира како своевиден перпетуум-мобиле, има доволно енергија во себе за напојување на системот за искачување до нови нивоа, никогаш досега достигнати. Фудбалерите со златни букви испишаа нова спортска бајка, нивната гордост, психолошка стабилност, соработка, љубов кон татковината, но и верба во сопствените можности претставуваат пример. Победите во овој циклус, а особено онаа над Германија, ќе бидат лајтмотив за идните генерации за тоа како треба да се игра против „Голијат“.

Можен ли е сега нов подвиг? Секако дека е можен, оти овие спортски херои „оставаат срце“ на теренот на секој меч, бранејќи ги чесно и пожртвувано боите на својата држава. Победите на спортското поле, како оваа на фудбалерите, со тој толку препознатлив тимски дух, се победи што даваат патоказ и за други области. Од самомотивацијата, преку надигрување, докажување, до победи, какви што се потребни за да се стигне до кое било „светско првенство“, во кои било области. А кога победите стануваат навика, пласман на секое „светско првенство“ е само прашање на време.