Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дигиталната апликација аудиочитач ќе биде бесплатна и достапна за сите, и тоа на македонски и на албански јазик, а исто така ќе биде лесно применлива за сите возрасти. Овој е-продукт ќе биде достапен во мобилна и во десктоп-верзија, при што на корисниците ќе им се понуди можност за едноставно и лесно користење на алатката во секојдневниот живот. Аудиочитачот како апликација, освен слепите лица, ќе може да го користат и лицата со тешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица што информациите најдобро ги разбираат во аудиоформат

Слепите лица наскоро ќе имаат можност да го чујат секој пишан текст

Слепите лица наскоро ќе добијат можност пишаниот текст да го чујат во аудиоверзија. По иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со Националниот сојуз на слепите, веќе е започнат процесот на изработка на софтвер-апликација, која на слепите и на лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го слушнат и да го разберат во аудиоверзија. Дигиталната апликација аудиочитач ќе биде бесплатна и достапна за сите, и тоа на македонски и на албански јазик, а исто така ќе биде лесно применлива за сите возрасти. Овој е-продукт ќе биде достапен во мобилна и во десктоп-верзија, при што на корисниците ќе им се понуди можност за едноставно и лесно користење на алатката во секојдневниот живот. Освен слепите лица, аудиочитачот ќе може да го користат и лицата со тешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица што информациите најдобро ги разбираат во аудиоформат. Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека аудиочитачот во моментов се тестира и очекуваат дека наскоро ќе биде достапен, за што дополнително ќе информираат.
– Се работи за нова, функционална и современа алатка, која на слепите лица и на лицата со оштетен вид ќе им овозможи поголема независност во сите сфери од секојдневниот живот. Поаѓајќи од непречена комуникација, непречено движење, а со тоа и целосно вклучување во општеството. Апликацијата ќе биде достапна во мобилна и во десктоп-верзија и е креирана во согласност со современите технолошки трендови. Многу значајно е што таа ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе го изразува со природен глас. За разлика од досегашните аудиочитачи, кои беа со роботски глас и на јазик различен од мајчиниот. Сега, слепите лица ќе може да добијат соодветно аудиопомагало што ќе може да го користат на својот мајчин јазик, лесно разбирлив, кој текстот го изразува со природен глас. Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи, да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас – велат од Министерството за труд и социјална политика.

Слепо лице, кое сакаше да остане анонимно, вели дека сега на својот мобилен телефон користи хрватско мени, а говорникот е чешки. Бидејќи досега нема верзија на македонски јазик, користи и српска верзија, бидејќи изборот засега е тој, но очекува дека оваа нова aлатка на мајчиниот македонски јазик многу ќе му го олесни животот и смета дека можноста наместо роботски да се слуша човечки глас ќе им дава поинакво чувство на слепите лица.
Од Националниот сојуз на слепите лица во Македонија изразуваат огромно задоволството што конечно ќе може да добијат соодветно аудиопомагало што ќе може да го користат на свој мајчин јазик.
– Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи, да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас. Досега се снаоѓавме со апликациите на странски јазици, на бугарски, српски и хрватски и роботски глас на македонски. Сега со оваа апликација слепите лица ќе можат самостојно да работат на компјутер како сите други, ќе можат да сурфаат по страници, подобро ќе можат да се снаоѓаат со своите мобилни телефони, да читаат пораки на нив, мејлови. Досега беше кој како се снашол и затоа придобивките од оваа апликација се непроценливи. Слепите лица сега говорно преку ГПРС ќе можат да најдат некоја улица во градот, адреса што ја бараат. Во Скопје, на пример, сега говорно ќе можат да се информираат за возниот ред на некоја автобуска линија, кога автобусот ќе им пристигне на станица, ќе можат да читаат некоја книга во електронска форма и многу полесно да се вработуваат за работа на компјутер, нешто што навистина ќе им даде нови можности – вели претседателот на Националниот сојуз на слепите лица, Жарко Селковски.

Мита Чекановска Димитриевска, дефектолог во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, вели дека сѐ што е позитивно и добро за лицата со оштетен вид ќе биде корисно, но сѐ уште не знаат како сето тоа ќе функционира во практиката.
– Треба да видиме како децата ќе го користат аудиочитачот, а сигурно дека ќе им помага многу. Но најпрвин децата ќе треба да се научат како да го користат, да добијат некаква обука. Со нетрпение очекуваме да се изготви оваа софтвер-апликација и се надеваме дека ќе бидеме упатени како да ја користиме. Веројатно ќе имаме и соодветна презентација од надлежните, бидејќи нам навистина ќе ни биде од голема корист, бидејќи сме единствена установа од ваков вид – додава дефектологот Чекановска Димитриевска.
Аудиочитачот за мобилните телефони андроид ќе може да се преземе од Гугл плеј стор, при што ќе биде интегриран со постојната Токбек-платформа, која е инсталирана во секој андроид-уред.