Во Бугарија деновиве се појавија нови сериозни тврдења за постоење на индиции за извршени криминални дејства во бугарски институции, што фрлаат сосема нова светлина за поврзаноста со бугарското вето кон Македонија. Истакнати и влијателни бугарски политичари тврдат дека со ветото практично се покриваат сомнителни криминални шеми на фунционери од партијата на Каракачанов, за која се тврди дека се финансира од продавање пасоши и од земање мито за добивање бугарско државјанство. За ова алармира уште во 2016 година и Катја Матева, поранешна шефица во дирекцијата за бугарски државјанства во Министерството за правда, а сега истото тоа го посочува и Пламена Зајачка, лидерка на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ-млади)

СЕРИОЗНИ ОБВИНУВАЊА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ВО БУГАРСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Блокадата што Бугарија ја стави врз евроинтегративниот процес на Македонија отвори многу дилеми за вистинските намери на Софија, меѓу кои е и прикриената желба земјава да остане што подолго надвор од Европската Унија за да може да продолжи бугарската асимилаторска политика преку издавање бугарски пасоши за македонските граѓани, нешто од што финансиски бенефиции има токму партијата на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
За ова алармираше уште во 2016 година Катја Матева, поранешна шефица во дирекцијата за бугарски државјанства во Министерството за правда, која тврдеше дека партијата на Каракачанов се финансира од земање мито за добивање бугарско државјанство. Матева беше разрешена од функцијата во 2017 година откако ѝ беше одземена лиценцата за пристап до класифицирани информации, во време кога министерка за правда беше Екатерина Захариева, сегашна шефица на бугарската дипломатија.
Според тврдењата на Матева, во периодот од 2001 до 2016 година, 70 илјади македонски граѓани добиле бугарски државјанства, а Каракачанов просечно земал по 1.000 евра од секој Македонец што аплицирал за бугарски пасош во криминалната шема во време кога дневно имало меѓу 150 и 200 кандидати.
Во 2018 година беше уапсено раководството на Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ), преку која одеше издавањето на државјанствата, а судењето што започна во септември оваа година беше прекинато поради пандемијата на ковид-19.

Во рамките на процесот се посочени поранешниот директор на ДАБЧ, Петар Харалампиев, тогашниот генерален секретар Красимир Томов, кај кого во сеф беа најдени 285 илјади евра, и уште две лица. Сите посочени се кадри на ВМРО-БНД на вицепремиерот Красимир Каракачанов.
Во согласност со сите овие сознанија, сосема реална основа добиваат и тезите дека Бугарија намерно ја држи Македонија надвор од ЕУ, ако се земе предвид профитот што се остварува со издавањето пасоши. Токму вакви тврдења за политичко профитерство и за трговија со пасоши се појавија и внатре на политичката сцена во Бугарија.
– Ова е политичка одлука, која од една страна покажува дека патриотите сакаат Македонија да не влезе во ЕУ за да можат и понатаму да ги продаваат своите пасоши за европско државјанство преку Бугарија и второ, им покажува со тропање на маса како целта им е да го зацврстат својот електорат – вели Пламена Зајачка, лидерка на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ-млади), формирана од поранешниот претседател Георги Прванов.
Според поранешниот дипломат Драган Јањатов, Бугарија ќе продолжи со практиката на издавање бугарски пасоши бидејќи на тој начин, покрај заработката, ја спроведува и својата асимилаторска политика.
– Бугарија ќе продолжи да издава пасоши за Македонците бидејќи остварува заработка од тоа, но уште повеќе затоа што на тој начин ја продолжува асимилаторската политика кон земјава што ја започна уште во 1942 година – вели Јањатов.

Тој додава дека Македонија треба да побара од Бугарија тамошното собрание да донесе официјален документ со кој ќе го признае територијалниот интегритет на земјата, односно нејзините граници, народот и јазикот, како и македонското малцинство на нејзина територија.
– Бугарското собрание да донесе официјален документ со кој ќе ги признае сегашните граници на Македонија, народот и јазикот, а истовремено и ќе признае дека постои македонско малцинство на територијата на Пиринска Македонија. Ако го направат Бугарите тоа, тогаш за историјата може да се најде модалитет прифатлив за двете страни – истакнува Јањатов.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, повеќе станува збор за кревање на политичкиот рејтинг на Каракачанов отколку за бизнис со пасошите.
– Сметам дека во целата работа се крие кревање на политичкиот рејтинг на Каракачанов во пресрет на изборите. Како и да е, Македонија дури и утре да ги започне пристапните преговори, таа нема да стане членка во следните 10 години, така што бизнисот со пасошите може да продолжи и во тој период – вели Арсовски.